Тестенините веќе нема да бидат евтина храна – увозните макарони ќе поскапат за 20 отсто?

септември 5, 2023
Pasta word with wood background

Низ Европа цената на тврдата (дурум) пченица е зголемена до 20 отсто за краток временски период и ќе продолжи да расте, пренесуваат светските медиуми. Едно просечно македонско семејство лани сварило 17,4 килограми макарони, а набавило и 2,9 килограми фиде

Цените на различните видови увозни тестенини наскоро ќе поскапат за 20 отсто, а причината е овогодинешната слаба жетва на тврда пченица (дурум), која е основата за производство на макароните. Низ Европа нејзината цена е зголемена до 20 отсто за краток временски период и ќе продолжи да расте, пренесува Аграхојте.ком, портал специјализиран за состојбата на пазарот на храна, пренесува „Феникс магазин“.

Македонските потрошувачи на почетокот на август доживеаја шок откако најголемиот дел од италијанските шпагети поскапеа речиси за над 50 отсто, па нивната цена сега се движи од 48 денари од пакување за половина килограм, и тоа во оние поевтините маркети, па до над 70 денари во оние полуксузните и поскапите.

На домашниот пазар има и српски тестенини, кои се поевтини, но само поради фактот што српската влада го субвенционира извозот на производите од брашно. Едно просечно македонско семејство лани сварило 17,4 килограми макарони, а набавило и 2,9 килограми фиде, сигнализира статистиката. Сепак од компанијата „Атлантик ДООЕЛ Скопје“, единствениот домашен производител на тестенини под брендот „Марчела“, стигнуваат смирувачки вести за потрошувачите.

– Ние како единствени домашни производители на тестенини користиме домашна пченица, односно го користиме нејзиниот најдобар дел – цемолина (гриз), така што берзанските вести за поскапувањето на тврдата пченица немаат влијание врз цените на нашите производи, но ги следиме цените на енергијата и транспортот, кои може да направат нарушување на пазарот. Набавивме најсовремени машини за производство и пакување на тестенини, а нашите погони се сертифицирани со ИСО 22000:2005 и ХАССП стандардите. Покрај тоа произведуваме и артикли под приватни марки за најголемите Хард дисконти и поголемите ланци на маркети во Македонија – вели за „Слободен печат“ Перица Спировски, менаџер во „Атлантик ДООЕЛ Скопје“.

Спировски појаснува дека домашните производители немаат никаква помош од државата, за разлика од нивните колеги во Србија, кои добиваат субвенции за извозот.

– Токму од тие причини српските тестенини што влегуваат во земјава се поевтини од домашните – додава Спировски, според кој во скоро време нема да има некое поголемо ценовно нарушување на цените на увозните тестенини, поради големите залихи на увозниците.

За да им помогне на граѓаните во борбата со инфлацијата, во март годинава Владата ги намали царинските давачки на тестенините. Образложувајќи ја Одлуката на Владата за намалување и замрзнување на цените на макароните и на шпагетите, министерот за економија Крешник Бектеши рече дека само по основ на укинатите царински давачки за 8 до 9 проценти тестенините ќе бидат поевтини. Одлуката што требаше да трае до 30 април беше продолжена до крајот на мај.

– Ги анализиравме сите влезни трошоци за 500 грама макарони до цена во малопродажба која е 49,3 денари. Ова е цена со увозните давачки за одредени видови макарони што покриваат околу 70 проценти од пазарот. Без увозни давачки, нивната цена ќе биде 41,8 денари, што значи само по основ на увозните давачки цената се намалува за 7-9 денари и очекуваме дополнително намалување од неколку денари поради замрзнатите маржи со претходната одлука – образложи Бектеши.

 Најлоша жетва на дурум пченица во последните 22 години

Според информациите од Меѓународниот совет за житарки, се очекува глобалното производство на дурум пченица во 2023/2024 година да биде на најниско ниво во последните 22 години, поради лошата реколта предизвикана од сушата во Канада, најголемиот извозник на тврда пченица и лошите временски услови во Европа. Според компанијата за истражување на пазарот Нилсен, малопродажните цени на фусилите, шпагетите и пените се зголемиле за околу дванаесет проценти во Европа и за осум проценти во САД, а се очекуваат дополнителни поскапувања.

Во Болоња, Италија, тон тврда пченица чини 412 евра, што одговара на 70 евра или 20 отсто повеќе отколку во јули. Во Ла Палис, Франција, тон тврда пченица во моментов се наплаќа по 415 евра, што е зголемување на цената за 55 евра во однос на месец јули.

Откако во мај тестенините во Италија поскапеа за 17,5 отсто, граѓаните беа решени да престанат да ги купуваат 15 дена. Ова зголемување предизвика негодување кај Италијанците, кои во просек консумираат по 23 килограми тестенини годишно. Затоа владата формираше кризен штаб, кој ќе се занимава со ова прашање. Земјоделското здружение Колдирети посочи дека италијанските потрошувачи потрошиле повеќе од 800 милиони евра на производи од тестенини поради нивните повисоки цени.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ