Се замрзнува цената на лебот на 33 денари до 31 мај

март 1, 2023

Цената на лебот се замрзнува на 33 денари и се укинува субвенционираната струја за прехранбената индустрија.

 Ова се двете одлуки кои Владата ги донесе на вчерашната седница а кои треба да бидат објавени во службен весник најдоцна до денес. Субвенционирана струја по цена од 80 евра за мегават час за компаниите ќе има до 1 април кога им истекуваат договорите а потоа ќе треба да се снабдуваат од слободниот пазар.

Дел од производителите ја злоупотребиле мерката и не ги намалиле цените, тоа го потврдиле инспекциите на пазарната инспекција и тоа е клучната причина поради која Владата се одлучи на овој чекор.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, ги презентираше анализите кои покажуваат дека цените на енергенсите се далеку пониски од цените кои биле во октомври и ноември минатата година а истото важи и за суровините кои сега се поевтини. Според пресметките на економија цената на векна бел или полубел леб во која е вклучен профит и маржа е 32 денари. Затоа до 31 мај цената на лебот ќе биде 33 денари додека за производите до 450 грама тежина ќе биде до 33 денари или поевтино. Аргумент повеќе за министерот беше дека во повеќе градови низ државата цената на овие два тип леб е под 33 денари.

Околу најавите на претставниците на пекарската индустрија дека во моментот кога ќе биде објавена одлуката во Службен Весник ќе престанат со производство и дистрибуција на леб, Бектеши соопшти дека има институции, инспекции, прописи и регулативи без да прецизира дали би имало санкции и какви би биле тие.

Тој ги повика претставниците на пекарите на состанок и разговор за да се најде решение кое ќе биде прифатливо за двете страни и секако за граѓаните.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ