Првите зголемени суми, корисниците на апликацијата „Мој ДДВ“ ќе ги добијат со исплатите во мај за скенираните фискални сметки во периодот јануари – март 2023 година
Повратот на данокот на додадена вредност (ДДВ) кон граѓаните со скенирање фискални сметки преку апликацијата „Мој ДДВ“ се зголемува од 1 800 на 2 100 денари за еден квартал.
Пратениците попладнево ги изгласаа законските измени со кои се зголемува лимитот, а за веста на социјалните мрежи се пофали и директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска.
„Пратениците дадоа зелено светло за измените и дополнувањето на Законот за враќање на дел од ДДВ-то на физичките лица. Со оваа измена се овозможува зголемување на прагот на поврат на дел од ДДВ-то од 1 800 на 2 100 денари за едно тримесечје. Првите зголемени суми, корисниците на апликацијата ’Мој ДДВ‘ ќе ги добијат со исплатите во мај за скенираните фискални сметки во периодот јануари – март 2023 година“,
наведе Лукаревска.
Законските измени за зголемување на лимитот поминаа на седница на Владата кон крајот на декември 2022 година, но беа „заглавени“ во Собранието.