Поради климатските промени ќе се влоши квалитетот на пивото и ќе поскапи

октомври 12, 2023

Ново истражување утврди дека квалитетот на пивото се влошува и дека истото ќе поскапи во баровите поради климатските промени.

Експертите сметаат дека може да се очекува раст на цените на пивото на европскиот континент во наредните години поради падот на приносот на хмељ. Напоменаа дека сушите директно ќе се одразат на квантитетот и квалитетот на хмељот. Тоа е состојката која на пивото му го дава препознатливиот вкус и мирис.

Истражувањето, кое беше објавено во научното списание Nature Communications, заклучи дека има пад на квалитетот и квантитетот на традиционалниот ароматичен хмељ низ цела Европа. Приносот на хмељ од 2021 до 2050 година би можел да биде помал за 12% до 35%, и тоа во сите значајни области во Европа каде што се одгледува оваа култура.

Намалувањето на производството на хмељ најмногу ќе се почувствува во Словенија, Португалија и Шпанија. Одредени делови на Европа произведуваат цитрусни, цветни и овошни вкусови кои се популарни во многу британски пива.

Авторите на истражувањето заклучија дека земјоделците ќе мора да најдат начин да се прилагодат и да го ограничат влијанието на топлината врз посевите.

„Со оглед на тоа што сушите во Јужна и Централна Европа многу веројатно ќе бидат уште полоши, областа каде што се одгледува хмељ ќе треба да се прошири за 20% во споредба со сегашната површина за да се компензираат загубите“, се наведува во извештајот.

Забележано е и дека половина од земјиштето во Европската Унија летово било погодено од суша и дека тоа сериозно го зголемило притисокот врз производството на храна, пренесува Sky News.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ