strumica denes logo

ПОЧНА СОБИРАЊЕТО И ОТКУПОТ НА ПЕЧУРКИ: Дали е на повидок успешна сезона?

Автор:

Датум:

мај 13, 2024

Автор:

Датум:

мај 13, 2024

Собирачите на печурки веќе се активираа и ги предаваат количините на фирмите кои се занимаваат со оваа дејност. Нивните очекувања се дека ќе имаме успешна година за печуркарите.

Меѓу собирачите, има луѓе кои редовно секоја година собираат шумски печурки, но и други кои повремено се вклучуваат во процесот. Во најдобрите години се случувало една фирма на дневна основа да откупи неколку тони печурки. Засега цените за килограм се од 100 денари па нагоре зависно од сортата.

„Почна откупот и ќе трае додека има печурки. Зависи од временските услови, ако врне ќе има печурки, а како што гледам ќе имаме дождови. Лисичарка ќе има, вргањ, ѓурѓевка и ливадарка. Има шанси за добра сезона, меѓутоа може да фатат суши, ветрови и да се смени текот на сезоната. Вргањот е кралот на печурките. Цената на ливадарката е 100 до 120 денари, лисичарката е 350-400 за килограм, вргањот е по 200 денари. Луѓето носат по 2-3 или 5 килограми засега. Очекуваме да се интензивира собирањето на печурки. 2014 година беше убава година, го отворавме дуќанот и до 12 часот собиравме 2 тона печурки, а другите на дневна основа и повеќе. Ланската година не беше многу добра“, вели Љупчо Најдовски, откупувач на печурки од Демир Хисар.

Поголема понуда значи и пад на цената. Ако има навалица на собирачи, ако има големи количини, цената ќе се намали. Најдовски вели дека нашите печурки одат за извоз, во европски земји.

„Би требало да има богат род, по овие дождови. Во Пехчево, Берово, Делчево луѓето собираат печурки. Местото е погодно, надморската висина, многу фактори влијаат, а во Штип под Плачковица нема многу народ, таму селата се запоставени. И во Пробиштип исто има луѓе што собираат печурки“, објаснуваат од фирма од Штип.

Печурките се делат по класи. Прва класа се најскапи поради високиот квалитет.

„Почнавме малку со откуп. Промените на температурите влијаат на квалитетот на печурката, тоа што ноќе паѓаат температурите е проблем. Наутро е студено. Ветерот е смрт за печурките. Го суши горниот дел од печурката. Тоа е најлош показател. 2020 година била рекордна година, имаше многу роба и квалитетна, зборуваме за среде лето“, велат од фирма за откуп на печурки од Велес.

И во Радовиш пред неколку почнал откупот. Се очекува добра сезона. Околу 15 мај, откупот зема поголем замав. Луѓето се трудат да заработат од она што природата им го дала.

„Има беровчани што собираат печурки. Тоа се повозрасни луѓе, по 45, 50 години и постари, пензионери. Тоа им е шанса за заработка, за дополителен приход. Местото е богато со печурки. Имаме и неколку фирми што откупуваат“, вели Емилија Пехчевска од Берово.

Во некои македонски градови има и по неколку фирми кои откупуваат печурки. Од овие фирми велат дека цените кај нас паѓаат ако во соседните земји има богат род и големи количини на собрани печурки. Туку пред сè мислат на соседна Бугарија.