Од Скопје до Штип ќе се плаќа по 160 денари за патарини во еден правец!

февруари 21, 2022

Двете патарини на автопатот „Гоце Делчев“ од Миладиновци до Штип, кои се градат кај Преод и Кадрифаково, заедно ќе чинат 120 денари во правец, а според изјавата на директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, нивната изградба треба да биде завршена до крајот на мај.

„Цената на патарините се утврдува според Законот за државни патишта – по километар од 2,57 денари. Така што патарината во Преод ќе биде 50 денари, а во Кадрифаково ќе биде 70 денари – рече Рустеми одговарајќи на новинарски прашање по увидот на изградбата на експресниот пат до Кочани.

Ова значи дека заедно со веќе постојната патарина кај Миладиновци, која чини 40 денари, од Скопје до Штип ќе се плаќа по 160 денари за патарини во еден правец.

На констатацијата дека има реакции од граѓани дека станува збор за мало растојание, а висока цена, тој рече дека како јавно претпријатие се во контакт со министерствата за транспорт и врски и за финансии, како и со Владата, и во текот на оваа година ќе се разгледаат сите можности околу цените. На прашањето дали тоа значи дека ќе има корекција на цените, Рустеми кажа дека не може предвреме да каже.

„Не можам предвреме да ви кажам, се врши целокупната анализа бидејќи сите приходи што доаѓаат од патарините ние ги вложуваме на изградба на нови патишта и рехабилитација на сите патишта што ги имаме под државни патишта – рече Рустеми.

Во врска со начинот на плаќање и евентуалното воведување на вињети, директорот на ова претпријатие посочи дека модернизацијата сега оди кон електронско плаќање, нешто што е подобра метода од вињети и е поддржана од ЕУ.

„Ние како јавно претпријатие веќе имаме еден модел, тоа е модернизација на Коридорот 10 што е веќе извршена, каде што имаме електронско плаќање. Тоа е подобра метода, се поддржува и од ЕУ. Веќе и во ЕУ многу држави имаат иницијатива да се тегнат вињетите и да се преминува кон електронско плаќање. Ние веќе имаме електронско плаќање. И овие две патарини (Преод и Кадрифаково) ќе бидат со електронско плаќање. Исто така, интензивно работиме и на Коридорот 8 и до крајот на годината и таму ќе имаме електронско плаќање – рече Рустеми.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: