strumica denes logo

Македонија станува земја производител на литиум-јонски батерии!

Автор:

Датум:

јули 22, 2023

Автор:

Датум:

јули 22, 2023

Најголемиот европски производител за литиум – јонски батерии БМЗ Холдинг од Карлштајн на Мајна ги реализира најавите за инвестирање во Македонија со регистрирање на своја компанија во Скопје.

Тоа значи дека и Македонија ќе биде индустриски извозник на литиум – јонски батерии, кои економистите во последно време ги нарекуваат „новото злато“. Македонија има скромен удел во извозот на овој вид батерии, што најчесто се користат за напојување на мобилни уреди, со само 2.000 долари во 2019 година, покажуваат податоците на World’s top exports. Спорд информациите на „Фактор“, БМЗ Холдинг во Македонија ќе произведува батерии за помали возила, како тротинети и велосипеди.

BMZ прави батериски системи за широк опсег на апликации, па дури и „сториџи“ за складирање на електрична енергија произведена од соларни панели и турбини на ветер. Баварскиот гигант има околу 2,3 илјади вработени и проценет годишен приход од 460 милиони евра.

Групацијата BMZ развива и произведува високотехнолошки батериски системи, кои се инсталирани низ целиот свет во најразновидните производи на познати брендови. Произведува и батериски системи со свои брендови. Освен производител, компанијата за себе вели дека е брзорастечка компанија и лидер во иновациите, најновите технологии и производствени процеси. Освен што е лидер во научно-истражувачката работа на ова поле, има и широкораспространета мрежа на клиенти. Има повеќе од 230 инженери во истражувачкиот центар. Компанијата развива повеќе од 100 нови производи секоја година.

Инаку литиумот за батерии неколку години наназад ја менува геополитичката слика на светот. Неговиот електрохемиски потенцијал го направи стратешки метал за иднината, особено на автомобилската индустрија. Побарувачката за литиум во светот е се поголема. Најголем производител на литиум-јонски батерии е Кина, а најголеми европски потрошувачи се Германија, Велика Британија и Франција. По глава на жител водат скандинавските земји.