strumica denes logo

Летово зеленчукот поевтин од овошјето

Автор:

Датум:

јули 11, 2023

Автор:

Датум:

јули 11, 2023

Цените на земјоделските производи на зелените пазари изминатиов викенд, најблаго кажано, беа нешто поприфатливи за македонските граѓани. Имено, до неодамна граѓаните ги плаќаа и поскапо зеленчукот и овошјето поради тешко контролираната инфлација. Укинувањата на ограничувањата на цените за некои земјоделски производи не влијаеше на порастот на просечните цени на доматите, пиперките, краставиците, кои до минатиот месец се продаваа и над 100 денари за килограм (рекордна цена на доматот, забележана минатата недела на зелениот пазар во Струга, беше 200 денари за килограм и 150 денари за килограм пиперки).
Меѓутоа, поголемата понуда од увоз и почетокот на продажбата на домашните градинарски производи (кои не се оранжериски, туку се одгледувани на отворено) влијаеја колку-толку на смирување на галопирачкиот нагорен тренд на цените на основните градинарски продукти.

Тоа го покажа нашата обиколка на зелените пазари во Скопје, кои важат за главен пазарен барометар кога станува збор за споредба на цените на земјоделските производи. Сепак, за многумина граѓани пазарењето на зелените пазари станува сѐ (по)скапо со оглед на фактот што во споредба со минатата година, цените на зелените пазари пораснаа во просек за педесет отсто.

Цени на зеленчуците

Нашата обиколка на зелените пазари изминатиов викенд во Скопје, кои важат за главен пазарен барометар кога станува збор за споредба на цените на земјоделските производи, забележа извесно шаренило на цени. Имено, за сите продукти можеа да се забележат цени со поголеми амплитуди, па изборот по која цена ќе се пазари зависеше од финансиската подготвеност на купувачот. Секако, свежите и поквалитетни производи беа со повисока цена, но за доматите, пиперките и за овошјето имаше и разлика во цените за десетина отсто.

Ценовникот за основните земјоделски производи при нашата обиколка беше следен: килограм домат се продаваше од 60 до 70 денари (поситниот и за 35 денари), благата пиперка од 30 до 50 денари, посвежите краставици се продаваа за 45 денари, кромидот за 70 денари, но можеше да се најде и домашен кромид за 50 денари. Младиот компир се продаваше по најразлична цена, од 40 до 50 денари за килограм, но можеше да се купат и три килограми за 100 денари. Зелката на сите тезги беше 30 денари. Морковот можеше да се купи по цена од 40 до 60 денари за килограм. Највисока цена имаше боранијата, која се продаваше за 150 денари за килограм! Но тоа беше и исклучително редок продукт и можеше да се најде само на одредени тезги.

Движење на цените на овошјето

Цените на овошјето на зелениот пазар беа нешто повисоки од тие на зеленчукот. Килограм лубеница се продаваше од 40 до 60 денари, дињите за 100 денари. Праските од македонските овоштари се продаваа од 30 до 50 денари за килограм, а цела гајба праски се продаваа за 250 денари. Кајсиите во зависност од големината и свежината се продаваа по 50 и 70 денари. Цената на црешите изнесуваше од 80 до 100 денари за килограм. Додека бананите подолг период се продаваат по стабилна цена од 65 денари.

– Има мало намалување на цените на земјоделските производи, но за нашите плати тие сѐ уште се високи. Пазарењето на пазарите станува сѐ поскапо. За дневните набавки за зеленчук и малку овошје, потребни ми се најмалку 500 денари. А тоа е само за ден-два, колку да приготвиме храна за најблиските. Се обидувам да пазарам по пониски цени. Домат купувам од една тезга, пипер од друга, зависи каде е поевтино. Практикувам да пазарам по принципот три килограми за 100 денари, за да заштедам некој денар. Овошје поретко пазарам или по неколку парчиња, колку да пробаат децата – ни изјави една пензионерка, која ни рече дека е редовен посетител на три скопски зелени пазарчиња и дека во изминативе денови на пријатни температури обиколката пеш до зелените пазари претставува и одлична рекреација.

Разликата од големопродажната до малопродажната цена е 100-процентна

За цените на земјоделските производи на зелените пазари во Македонија се добива поинаква слика, доколку тие се споредат со цените што важат во откупните центри или во големопродажбата. Податоците на Земјоделскиот пазарен информативен систем покажуваат дека разликата во цените последниот работен ден од првата недела во јули се речиси за сто отсто повисоки. Пример за тоа се цените за пиперот, доматите, компирот, зелката, кромидот, морковот. За споредба, просечната малопродажна цена на доматот била 70 – 80 денари, на кванташкиот пазар во Скопје тој се продаваше за 42 денари (просечната продажна цена за Македонија е 42 денари), компирот во малопродажба се продава за 50 денари, а на големо за 25 денари. Разликата во цените за зелката е највисока. На пазарите се продава за 30 денари, а на големо се продава за осум денари, морковот се продава за 60 денари, а „набавната“ цена е 30 денари. Кај кромидот цената на пазарите е 70 денари, а на пазарите на големо се набавува за 45 денари.

– Цената на зелените пазари ја диктираат трговците на големо и препродавачите на земјоделски производи. Секој ден наутро се снабдуваме по различни цени. Ако ни донесат поскапо, тогаш и ние мораме да ја зголемиме цената на тезгите. Има некои продавачи, кои сами се снабдуваат од сопствено производство и тие понекогаш одат со пониски цени. Тоа е најчесто на крајот од пазарниот ден, за да не им остане непродаден зеленчук. Тоа е поретко, зашто и самите имаат помало количество за продажба и тие мораат да набавуваат од пазарите на големо. И јас продавам од наши земјоделци, тоа се кромид, компир, грав. Но сѐ помалку има такви производители – ни потенцираше една продавачка на земјоделски производи.

Годинава, во споредба со минатата, цените на земјоделските производи се повисоки за 50 проценти!

Цените за земјоделските производи споредени со истиот период од лани се повисоки во просек за над 50 отсто. Во маркетите цените се повисоки, но затоа (по)ситните трговци со земјоделски производи пристапуваат кон нов начин на продажба. Тоа е отворање продавнички во кои продаваат овошје и зеленчук до големите трговски продажни центри или на места каде што има поголема фреквенција на граѓани. Со ова им се овозможува пристапот со кола и пазарат на дневна основа, со што можат да избираат и каков производ и по која цена ќе купат.
По 14 последователни месеци со двоцифрена инфлација, Државниот завод за статистика во јуни 2023 измерил едноцифрена инфлација, која изнесува 9,3 отсто. Индексот на трошоците на животот во јуни 2023 година, во споредба со претходниот месец, изнесува 1 отсто, а индексот на цените на мало изнесува 0,7 отсто. Индексот на трошоците на животот во јуни 2023 година, во однос на јуни 2022 година, бележи зголемување од 9,3 отсто, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 5,7 отсто.