Ќе паѓа цената на становите

април 20, 2023

Поради намалување на цените на градежните материјали се очекува во следниот период да има благ пад на цената на становите, најави Зоран Ѓоргијев, директор на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор. Тој додава дека акционерското друштво ќе се обиде да го заузда поскапувањето од метар квадратен, кое во некои општини се движи и до 2.000 евра.

-Според она како се движат цените сега има извесно намалување на градежните материјали. Ние, како државна фирма, сме регулатор на цената. Затоа сега за брзо време ќе почне градба во стара воена пекара, за да можеме на ова лудило што е фатено во државата и во цел регион околу цената на квадратен метар, да му бидеме некаков регулатор. Мислам дека цените ќе одат во некој благ пад, надолу – рече Ѓоргијев по денешниот увид во градежните работи за изградба на зградата за 312 социјално загрозени семејства во Бутел.

На некои локации цената на метар квадратен се движи околу 2.000 евра. Во Карпош станови се продаваат по цена од 1.900 евра од квадрат, а во Аеродром просечната цена на квадрат е 1.500 евра.

Во првите месеци од годинава цените на становите пораснале за околу 18 отсто. Во исто време има забрзано издавање на одобренија за градба. Само во февруари се издадени околу 200 одобренија, од кои најголем број станови ќе се градат во Карпош, па во Аеродром и во Центар.

 

ИЗВОР: ФОКУС

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: