„Еуромакс Ресоурцес“ со обраќање до јавноста!

февруари 25, 2022

Почитувани жители на Струмичкиот и под Огражденскиот регион,

Во актуелнава реалност, повеќе или помалку, целиот свет сеуште се соочува со последиците од пролонгираната пандемиска здравствена, економска, енергетска и инфлаторна криза. Ова со посебна жештина ги погоди пофрагилните економии во транзиција и развој… Во нашата држава секојдневно слушаме и гледаме за проблемите предизвикани со големото зголемување на цените на електричната енергија, прехранбените продукти и баш на сè и сешто што ги поскапува трошоците на животот и ја зголемува сиромаштијата… за протести, барања и преговори околу зголемување на минималната плата, на просечните лични доходи и пензиите, за исплата на субвенции во земјоделството и сточарството итн.

Нашите градови за жал се утркуваат кој ќе биде највисоко пласиран на поразителните светски листи за најзагадени градови во светот – загаден воздух, диви депонии, загадени води, реки и речни корита, контаминирана почва.

Според последното истражување во рамки на проектот „Стоп за питачење и злоупотреба на децата и нивното здравје“, на Здружението „Градиме иднина“, се укажува дека во нашата земја околу 4,000 деца и луѓе на поголема возраст – питачат. За жал голем број живеат под ведро небо, 18,700 деца не се во училишните клупи а 1,500 деца од ромската популација не се евидентирани со матични броеви…

Читаме за драстичниот пораст на бројот на затворени компании во минатата година. Податоците од реномираната бизнис-платформа „бизнис мрежа“ говорат дека ланската година била погубна за приближно 7,000 компании кои ставиле клуч на врата. Според економските аналитичари, кризата што ја предизвика ковид-19 ќе има последици најмалку уште десет години. Младите луѓе поради ниските плати, посебно во трудоинтензивните дејности, немаат интерес за вработување а својата среќа приоритетно ја гледаат со иселување во странство… Справувањето со пандемијата, енергетската и економската криза резултираат со сè погласни барања на бизнисите и граѓаните за помош од страна на државата, што резултираше со зголемување на нашиот државен долг на рекордни 7,1 милијарди евра, што претставува 60,9 отсто од домашниот бруто производ (БДП).

Длабоко свесни за оваа крајно загрижувачка реалност, сите ние од тимот на Euromax Resources сме искрено благодарни и горди на нашиот Борд на Директори и Групацијата ТРАФИГУРА, кои независно од неоправдано наметнатата неизвесност околу ефикасното продолжување со реализација на нашиот мега инвестициски Проект „Иловица-Штука“, благородно одлучија да одвојат наменски – интервентен буџет од 1 милион евра како конкретен израз за корпоративна, општествена одговорност! Во последниве десетина месеци се фокусиравме на финансиска и експертска поддршка посветена на вас – жителите од Струмичкиот и под Огражденскиот регион, преку кампањата – „Со Акција и Дела за Подобар Живот СЕГА и ВЕДНАШ!“

Се насочивме кон индивидуални проекти кои имаат здравствени, економски и социјални придобивки за локалното население. Проекти кои секојдневно ги допираат животите на жителите од општините Босилово, Ново Село и Струмица, во здравството, земјоделството, водоснабдувањето, туризмот и угостителството, поддршка за семејното претприемништво, на невладиниот сектор, образованието и едукацијата, спортските активности како и финансиска поддршка за настани од општ и хуманитарен карактер. Во широко спроведените активности, директно или индиректно, беа опфатени неколку илјади жители од регионот!

– Поддршката на здравстениот сектор во изминатиот период се наметна како приоритет поради високиот број заболени со секој нов бран од Ковид-19. Во неколку наврати, реализиравме донации за Општата Болница во Струмица, Центарот за Јавно Здравје и Здравствениот Дом Струмица.

– Нераздвоен дел од животот на локалното население е земјоделството токму затоа преку невладината Организација „Рурален Центар Огражден“, реализиравме широка акција за индивидуална поддршка на голем број жени и нивните семејства кои активно се занимаваат со земјоделие и сточарство… паралелно поддржавме со грантови и проектни барања од претприемачи за зголемување и унапредување на нивниот постоен, фамилијарен бизнис.

– Остваривме конструктивна соработка и со АД Водостопанство – Подружница „Струмичко Поле“ на неколку приоритетни потреби од интерес, пред сè на локалното земјоделие.
– Донацијата за ресторан „Кај Виктор“ во Босилово, е првата поддршка на Еуромакс во делот на туризам и угостителство, користејќи ја можноста да се поддржи една благородна иницијатива – прв ресторан во државата кој обезбедува инклузивност на деца со аутизам.

– Во континуитет ги поддржуваме активностите на КУД „Кирил и Методиј“ Иловица, соработка со спортски здруженија како „Final4“ турнирот за одбојка на жени, спортски активности на ОУ „Видое Подгорец“, главен спонзор на турнирот за мал фудбал организиран во Иловица со учество на 16 екипи од целиот Струмички регион. Помогнавме за маркирање на нова планинарска патека во должина од 7,5 километри реализирано од страна на планинарскиот Спортски Клуб „Маратон“.

– Во делот на едукацијата и образованието, го поддржавме проектот „Бесплатен логопед“ за децата, реализиран од невладината организација “Невена за тебе, за мене, за нас“, како и проектот за поддршка на едукативна реформа и функционална проценка на деца и млади со инвалидитет, во рамките на ОУ „Сандо Масев“ во Струмица.

– Во низата на корпоративно општествено одговорни активности, вредно е да се спомене и поддршката на настаните организирани од страна на иницијативата „The Bikers Garage“ – Рели Рута која започна од Скопје а заврши на Огражден, преку која се промовираше значењето на сообраќајната култура и безбедноста во сообраќајот, како и хуманитарниот настан „Заедно за борба против рак на дојката“, за зголемување на свеста за ризиците од ракот на дојка и потребата од превенција и рана детекција.

– Во последниве месеци остваривме инспиративна соработка со поголема група на занаетчии/претприемачи од општините Босилово и Ново Село, обезбедувајќи им финансиска помош за поефикасна работа, искористување на ресурсите, отворање на нови работни места и економски придобивки од поширок општ интерес за двете општини.

Euromax Resources и во оваа прилика се обврзува со несмален ентузијазам и посветеност да продолжи со кампањата „Со Акција и Дела за Подобар Живот – СЕГА и ВЕДНАШ“, како ефикасен пример на корпоративна општествена одговорност помагајќи во реализација на приоритетни проекти од интерес на СИТЕ жители од Струмичкиот и под Огражденскиот регион независно од политичките, етничките, културните и социјални различности!

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ