Струмичанецот Милан Савов со 5 совети и стратегии за повисоки позиции на Гугл!

ноември 21, 2023

Текст на Милан Савов – Основач на ВЕБ и СЕО агенција Смартклик!

5 совети и стратегии за повисоки позиции на Гугл

Ако имате бизнис веб страница, тогаш веќе сте свесни дека е потребно да се изгради силно онлајн присуство за да може да целите кон поголем успех. Без разлика дали сте голема или мала компанија, сопственик на мал бизнис или имате свој блог, содржините кои ги објавувате се клучни за успех и освојување повисоки позиции.

Но, како се постигнуваат тие позиции на Гугл и останатите интернет-пребарувачи? Што е потребно да се преземе за да му помогнете на вашиот вебсајт да се искачи високо и да рангира на позиции на првите страници од овие пребарувачи?

Според моето долгогодишно искуство во оваа област, целиот концепт можам да го сумирам во пет навистина практични совети, кои ќе ви дадат идеја како да ја градите вашата стратегија за оптимизација.

1. Креирајте квалитетна и релевантна содржина

Содржините се можеби најважниот елемент од секоја веб-страница. Тие ја дефинираат динамиката, однесувањето на посетителите и акциите кои тие ги преземаат. Дури и најсовршениот брз сајт со одличен дизајн не вреди ништо, ако нема содржина како движечка сила. Поради тоа, овие содржини треба да бидат навистина квалитетни, информативни, па дури и забавни за читателите. Стремете се да креирате оригинални текстови кои соодвестуваат на интересите на вашата целна публика.

Кога редовно објавувате содржини, било да се тоа блог објави, статии, студии на случај или други корисни ресурси, вие сигнализирате дека сте активни и релевантни. Врз основа на тоа, пребарувачите ја „скенираат“ содржината и ако го задоволува критериумот за квалитет, добивате „награда“, односно позиција која понатаму можете да ја подобрувате.

2. Оставете добар прв впечаток преку дизајнот на вашата веб-страница

Дизајнот е значаен елемент за корисничкото искуство кое го нудите. Тоа значи дека, пред сè, сајтот не смее да биде натрупан со елементи кои немаат никакво значење за корисникот. Напротив, држете до чиста и јасна навигација, разбирливи менија и дизајнерски елементи кои го подобруваат целокупниот впечаток на страницата.

Користете конзистентно брендирање, складни бои, читливи фонтови и визуелни содржини кои се допадливи за око. Дизајнот е всушност првиот впечаток кој го оставате и сигурно не сакате тој да биде лош.

3. Подобрете го корисничкото искуство

Корисничкото искуство (UX – User Experience) е значаен дел од целокупната стратегија за подобро рангирање на вашиот сајт на интернет. Во делот за дизајн веќе споменавме неколку важни елементи, како што се естетскиот впечаток и интуитивната навигација.

Дополнително, препорачувам сите копчиња кои повикуваат на акција да бидат видливи за корисниците, но и да водат кон релевантни страници од вашиот сајт. Понатаму, советувам да ја оптимизирате брзината на отворање на страниците, бидејќи корисниците не сакаат предолго да чекаат за да се вчитаат сите податоци и визуелни елементи.

Ако нешто продавате преку вашата страница, направете го процесот на купување едноставен, без непотребни чекори кои го влошуваат корисничкото искуство. Подобрете ги контакт-формите за посетителите да можат полесно да ви испратат порака или постават прашање. Запомнете, посетата на вашиот сајт не смее да биде исцрпувачко искуство.

4. Посветете внимание на оптимизацијата за пребарувачи (SEO)

SEO или search engine optimization е процес во кој го прилагодувате вашиот сајт за да им се „допадне“ на Гугл и другите пребарувачи. Сепак, овој процес не се прави еднаш, нема формула која одговара за сите, и секако, не е едноставен.

Стратегијата за оптимизација вклучува пронаоѓање на релевантни клучни зборови за вашата индустрија или тема на сајтот, подобрување на содржината на секоја страница, пишување нови содржини, добивање цитати од релевантни извори, како и запазување на технички елементи кои го подобруваат рангирањето (брзина на страница, респонсивност за мобилни уреди, безбедност при користење…)

Затоа, секогаш анализирајте што можете да подобрите. Секоја стратегија може да претрпи промена. Обидите да држите до фиксна стратегија не се одржливи на долг план, особено во динамични индустрии. Со покриеност на секој аспект поврзан со креирање содржини, надминување на технички проблеми, како и поврзување на потребите на целната публика и намената на веб-страницата, вашиот успех е речиси загарантиран.

5. Не очекувајте брз успех во краток рок

Најважно од сè е да имате реални очекувања кога се обидувате да го рангирате вашиот сајт повисоко на пребарувачите.

Пред сè, мора да знаете дека оптимизирањето, креирањето содржини и прилагодувањето на корисничкото искуство не можат да се имплементираат за еден, два или пет дена. Напротив, потребно е да се анализира моменталната состојба на вашиот сајт, да се идентификуваат можностите за подобрување и да се креира стратегија со акционен план.

Потоа, потребно е да дадете време на стратегијата да почне да покажува резултати. Во зависност од тоа колку е конкурентна вашата област или индустрија, може да бидат потребни од две недели, па се до шест месеци за да може да се забележи значајна разлика. Во многу конкурентни области некогаш се потребни 10-12 месеци за да се постигнат резултати.

Но, важно е и да го следите напредокот и да ја адаптирате стратегијата соодветно на целите кои ги поставувате. Всушност, една SEO стратегија, во целост, се менува и прилагодува во зависност од тоа какви резултати постигнувате и дали забележувате некаков тренд на подобрување.

За крај, мојот заклучок е дека основите на успешна веб-страница се корисничкото искуство, естетски задоволителен дизајн, корисни и интересни, но и едукативни содржини, како и целокупна оптимизација за пребарувачи. Ако сте конзистентни во имплементирање на овие стратегии, но и отворени да се прилагодувате според постигнатите резултати, тогаш постигнувањето на високи Гугл-рангирања ќе ви стане навистина забавен процес.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ