Најава: Со новиот закон прво ќе се регулираат 26 нефер трговски практики, а потоа ќе се намалат цените на храната

октомври 12, 2023

Со новиот закон за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи ќе се регулираат 26 нефер трговски практики, најави денеска министерот за економија, Крешник Бектеши. Тој додаде дека примената на овој законот веднаш ќе влијаее во намалувањето на цените на земјоделските и прехранбените производи, а со тоа и на квалитетот на производите.

-Законот ќе ги уредува условите и начинот како ќе се врши трговија со земјоделски и прехранбени производи“, рече Бектеши, пред претставници на Стопанската комора, каде што го презентира новото законско решение, кое е веќе објавено на Електронскиот национален регистар на прописите (ЕНЕР) и во наредните 20 дена е отворен за дискусија и забелешки.

Министерот рече дека по завршување на дебатата за законот, финалниот текст ќе биде доставен до Владата и потоа предложен до Собранието да се носи со европско знаме, со оглед на тоа што во него се транспонирани најголем дел од европските регулативи.

-Сакаме преку дијалог и презентации, на кои ќе бидат вклучени сите засегнати страни, да се изнајде најдоброто решение за производителите и за трговците. Ова законско решение ќе ги уреди условите и начинот како ќе се врши трговија во делот на земјоделски и прехранбени производи и нема да се дозволи да се користи моќта на одредена компанија врз другите компании. Ова законско решение би требало веднаш кога ќе почне да се применува, да влијае врз намалување на цените на прехранбените и земјоделските производи, да влијае врз подобрување на квалитетот на производите, како и да ги зголеми предвидливоста и сигурноста за работа и на доставувачите и на купувачите“, појасни Бектеши.

Тој додаде дека првпат во државата се носи вакво законско решение, во кое има наведено 26 нефер трговски практики, кои ќе се уредуваат.

-Во законот, исто така, е наведено процентуално колку може да биде максималниот рабат што маркетите може да го бараат од производителите и доставувачите. кои сега надминуваат над 30-40 проценти од цената. Со ова решение ќе биде ограничено на 10 отсто и во склоп на тоа ќе конкурираат меѓу себе синџирите супермаркети, што ќе влијае во намалување на цените, рече Бектеши.

За непочитување на законските одредби, засега во предлог-решението се предвидени глоби до 20.000 евра, но министерот Бектеши рече дека и за овој дел од текстот ќе се разговара дополнително.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ