ВАСКО ГЕОРГИЕВ – ЛЕГЕНДАРНИОТ ЦЕНТРАФОР ОД СТРУМИЦА КОЈ ИГРАШЕ ЗА ФК БЕЛАСИЦА!

септември 6, 2023

Васко Георгиев, е легендарен центарфор на Беласица, кој има настапувано во 13 сезони за Беласица, во периодот од 1991 до 2012 година. Вкупно за Беласица има постигнато 108 голови на првенствени утакмици, со што е втор стрелец на сите времиња на Беласица. Вкупно 5 сезони бил најдобар стрелец на Беласица, што е рекорд на клубот. Има одиграно 211 првенствено утакмици, со што е во топ 15 играчи по број на првенствени настапи. Дебитира за Беласица на 16 годишна возраст во Охрид, во мај 1991. Во следната сезона (1991/92) во Трета југословенска лига – Исток, е најдобар стрелец со 12 голови.

Во 1992/93 е дел од младинскиот тим, што ќе го освои првиот куп во независна Македонија. Во 1994/95 година, повторно е најдобар стрелец на тимот со 15 голови. По оваа сезона оди во тимот на Силекс, кој станува шампион на Македонија во 1995/96. Во сезоната 1996/97, се враќа во Беласица и постигнува 8 голови, па прави трансфер во Цементарница, каде игра во сезоната 1997/98. По оваа сезона оди во амбициозниот тим на Малеш,каде е најдобар есенски стрелец на Втората македонска лига.

Напролет 1999 година се враќа во Беласица и со 15 голови за Беласица е најдобар стрелец на тимот по трет пат и на лигата. Следната сезона повторно игра во Малеш наесен, а се враќа напролет во Беласица и помага со 18 голови, Беласица да е шампион на Втората лига. Во 2000/01 заедно со Пандев и Стојков ќе допринесе со 9 голови, Беласица да стигне до 4 место. Пролетта 2002 заминува во Напредок Кичево, а ќе игра и за Брегалница Делчево, Башкими од Куманово, Турново, а ќе игра и во Грција, на Крит. Во пролетта 2008 година, по 6 години, се враќа пак во Беласица и станува по 4-ти пат најдобар стрелец на тимот со 10 голови. Во сезоната 2008/09 дава уште 6 голови за Беласица и повторно оди во странство.

Во следните две и пол сезони ќе игра за Едесаикос од Едеса, Финикас од Солун и Акритас во Кипар. Пролетта 2012, за последен пат се враќа во Беласица на 37 години, за да помогне на Беласица и со 7 голови,по 5-ти пат, пак е најдобар стрелец на тимот.

Пребогата кариера, вкупно 22 сезони и над 230 првенствени голови, од кои 13 сезони во Беласица и 108 голови во дресот на Беласица.
Васко Георгиев е син на уште една фудбалска легенда и центарфор на Беласица, Ѓоко Георгиев, кој исто така се наоѓа во топ 10 стрелците на Беласица на сите времиња.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ