ТОНИ АТАНАСОВ ОД СТРУМИЦА – ЕДЕН ОД НАЈДОБРИТЕ ОФАНЗИВЦИ ВО ПОНОВАТА ИСТОРИЈА НА ФК БЕЛАСИЦА!

октомври 3, 2023

Тони Атанасов, еден од најдобрите офанзивци во поновата историја на Беласица. Во Беласица има вкупно настапувано во 13 различни сезони, притоа забележувајќи 229 настапи на официјални натпревари, со што е дел од топ 10 играчи по број на настапи. За Беласица има постигнато 48 голови, со што е 12-ти стрелец на сите времиња.
Дебитира на само 16 години, пролетта 1991 со Рудар во Пробиштип. Во следната 1991/92 игра во Третата југословенска лига Исток и настапува на 25 натпревари и го постигнува својот прв гол против Ц. Звезда од Гњилање.

Во првата сезона (1992/93) во независна Македонија игра на 20 натпревари. Во следната 1993/94 постигнува 3 голови на 23 натпревари. Во следните три сезони ќе игра на 68 натпревари и ќе постигне 4 голови.

Во 1997/98, со 12 гола е најдобар стрелец на Првата Македонска лига, а со шампионот Силекс постигнува два голови. Два гола дава и против Пелистер. Единствен Струмичанец е што е бил најдобар стрелец во лигата во независна Македонија. Летото 1998 година, го прави првиот трансфер во редовите на скопски Работнички. Игра една сезона во Работнички и во летото 1999, се враќа пак во Беласица и помага во враќањето на Беласица во Првата лига. Тој е капитен и прв стрелец на тимот со 23 голови, во таа 1999/2000, каде Беласица во нападот со Т. Атанасов, В.Георгиев, А. Стојков и Г. Пандев дава 116 голови на 30 утакмици. Следната сезона,2000/01, настапува за Саса од Каменица, заедно со С. Петковски и М. Начевски. Летото 2001 пак се враќа во Беласица и во сезоната 2001/02 со Беласица станува вицешампион. Атанасов игра на 26 натпревари и постигнува 5 голови, со што е четврти стрелец во тимот зад Љ. Николиќ, Љ. Савиќ и З. Балдовалиев. Од овие 5 голови на Атанасов, најзначаен е победничкиот гол против Вардар во 90-та минута, а одлучувачки се и неговите голови против Силекс и Цементарница.

По 7 натпревари есента 2002 година, оди пролетта 2003 да игра за Брегалница Делчево. Есента 2003 игра пак за Беласица, а пролетта 2004 година со Н. Танушев играат во Куманово. Сезоната 2004/05 година ја поминува во Турново, со кој игра во 1/2 на купот на Македонија и игра бараж за влез во Прва лига. Есента 2005 го игра својот последен натпревар за Беласица, против Шкендија во Тетово. Потоа оди во Тиверија, со која игра бараж за влез во Втората Македонска лига, во јуни 2006 година. Летото 2006 година, преминува во Нов Милениум од Сушица, каде ќе игра во следните две и пол сезони, до декември 2008 година. Кариерата ја завршува во 2010 година во Грција.

Рубриката “Беласица низ историјата” ја подготвува, Аце Стојанов.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ