Триумфот над Работнички со 2-0 во 24. коло како да ги убеди челниците на Победа и натаму да играат како домаќини на стадионот „Младост“ во Струмица. Избраниците на Слободан Крчмаревиќ в сабота од 16.00 часот ќе го пречекаат Скопје во рамките на 26. коло на ПМФЛ токму во Струмица.
Со оглед на тоа што во 13.00 часот на истиот стадион во рамките на ВМФЛ-Исток ќе се сретнат Беласица и Плачковица, љубителите на фудбалот во овој град ќе имаат можност да следат двојна фудбалска програма.
Сезонава прилепскиот прволигаш како домаќин цела есен играше на игралиштето Могила крај Прилеп, па домаќин беше во Битола, Охрид и Турново, а сега втор натпревар по ред ќе игра на стадионот на Беласица во Струмица.
Натпреварот Победа – Скопје е од витално значење за опстанокот, бидејќи се соочуваат две од трите најлошо класифицирани екипи во ПМФЛ.