„Непознавањето на Статутот, Правилниците и останатите прописи на ФФМ никого не ослободуваат од одговорност“ им порачуваат струмичани на тетовци
Почитувани,
Знаеме дека навистина ова стана премногу и почнува да наликува на некоја серија со ново продолжение. Но, по последното соопштение на ФК Шкендија АД принудени сме повторно да го кажеме нашето мислење. Навистина не сакаме да се препукуваме по медиумите, комисијата за натпревари нека одлучи онака како што мисли дека е правилно, но мораме уште еднаш да кажеме дека најверојатно имаме различно видување на целата ситуација околу „случајот младинец Фазлагиќ“.
Не знаеме од кои причини ја извртувате вистината и со тоа ја дезинформирате спортската јавност. Цврсто сме убедени дека ја констатиравте грешката, но истата не сакате да ја признаете. Но, ајде да тргнеме со ред со нашето видување на ситуацијата:
Фудбалската федерација на Македонија има свој Статут, Правилници, пропозиции и останати прописи.
Вие упорно се држите на членот 20 (Право на настап), точка 3 од пропозициите на Првата МФЛ и се обидувате да го извртите неговото значење. Доколку пртходно убаво го имате прочитано Правилникот за натпреварување на ФФМ како повисок акт од пропозициите за натпреварување ќе потврдевте дека значењето на членот 20, точка 3 е со сосема поинакво значење од вашето толкување. Имено во самиот правилник за натпреварување ние ќе се задржиме на член 100, точка 10 која се однесува на „Одлука по жалба“ и кој гласи:
Врз основа на поднесена жалба по натпревар, натпреварот ќе се регистрира со службен резултат 3:0 во корист на екипата која се жалела доколку за време на натпреварот не е постигнат поповолен резултат, доколку противничката екипа:
10. Започнала/играла натпревар со помалку млади фудбалери од пропишаните во Пропозициите за соодветното натпреварување.
Би сакале да го појасниме членот 20 (Право на настап), точка 3 од правилникот кој гласи :
Сите клубови учесници во Првата лига првото полувреме мора да го започнат и завршат со еден домашен фудбалер кој нема навршено 21 година.
И факт е дека вие започнавте со млад играч – Енис Фазлагиќ, кој играше до 21 мин од првото полувреме кога доби црвен картон, исто така го завршивте првото полувреме со млад играч под 21 година по влегувањето на Шефит Шефити во 36 мин. Но, кога станува збор за континуитетот на играње на младинец во првото полувреме имате проблем и овде, би рекле несакајќи, го прекршивте правилникот за натпреварување на ФФМ.
Во вашето излагање во соопштението до јавноста повторно се негирате. Вие многу добро знаете дека ФФМ има донесено стратегија за развој на младинскиот фудбал. Заеднички, сите клубови сме потписници и подржувачи на стратегијата за развој на младинскиот фудбал. Всушност, не веруваме дека не знаете дека и членот 20, точка 3 од пропозициите за Прва МФЛ е вметнат за стимулација на клубовите за што повеќе млади, домашни фудбалери да играат задолжително во првото полувреме. Не веруваме дека не знаете дека ако се повреди млад играч на негово место влегува исто така млад играч, не веруваме дека не знаете дека аналогно на ова по добивање на црвен картон на младинец, повлекува влегување на нов младинец (всушност вие натпреварот да го започнете и со 8 играчи во составот мора да имате еден играч под 21 година до крајот на првото полувреме), не веруваме дека мислите, како што велевте првично, дека ако почне млад играч и го замените со повозрасен во 2 мин., а потоа исто така во 44 мин. од првото полувреме направите замена со влегување на млад играч, вие сте го испочитувале правилото за млад играч од членот 20. Точка 3. итн.
За крај, уште еднаш ќе кажеме, и ова нека биде последно, ФК Академија Пандев АД – Струмица, нема намера да врши притисок врз комисијата за натпревари, едноставно истата нека одлучи според нејзиното толкување на правилниците кои произлегуваат од ФФМ. Доколку ФК Академија Пандев АД погрешно ги „читала“ законите, јавно ќе се извиниме кон ФК Шкендија Тетово АД. На крајот на краиштата, развојот на младинскиот фудбал за ФК Академија Пандев АД е многу побитен од службените 3 бодови, но би сакале правилата еднаш за секогаш да бидат почитувани од сите чинители на фудбалската игра во Македонија. На ФК Шкендија АД како спортски пријатели и клуб кој исклучително го респектираме му посакуваме спортски успех, но и доколку утврдиле дека направиле грешка истата да ја признаат, во спротивно дисциплинскиот правилник на ФФМ во точка 10 е дециден:
„Непознавањето на Статутот, Правилниците и останатите прописи на ФФМ никого не ослободуваат од одговорност“.
Струмица, ФК Академија Пандев АД
01.03.2018 г.