Кој ќе слави, а кој ќе плаче: Во Скопје и Струмица се решава сè – и Европа и опстанокот!

мај 20, 2018

Македонската фудбалска сезона дојде до крајот, останаа уште само денешните последни 90 минути, по кои ќе биде јасно кој ќе игра во Европа, а кои две екипи со солзи ќе ја напуштат домашната елита. Разврската во финалето на сезоната, по која ќе биде спуштена завесата е на три терени – два во Скопје и во Струмица.

Рамномерно е распределена битката за местата на меѓународна сцена и за опстанокот. По три екипи се во игра за две места, но тоа што е најинтересно сè зависи од домаќините на трите дуели, на „Филип Втори“ каде играат Работнички – Скопје, на Чаир каде се среќаваат Шкупи и Вардар во градската пресметка и во Струмица, каде Победа е домаќин на Ренова.

Има низа математики, кок, што и како би можел и до Европа во еден случај и до опстанок. Но, во моментов едно е јасно, ако денеска трите домаќини на посочените три стадиони победат – работата е јасна. Работнички и Шкупи ќе играт во Европа, Победа ќе обезбеди бараж за опстанок и ќе ги праи Пелистер и Скопје во Втората лига.

Во трката за Европа, Работнички е трет со 49 бода, пред Шкупи со 48 и Силекс со 47. Кратовци имаат најмали шанси, затоа што мора да чекаат киксови на дебармаалци и чаирчани за да се изборат најмалку за четврто место, кое води во Европа ако Шкендија го освои Купот в среда, што реално и треба да се случи сооглед на разликата во квалитет со битолчани. Од друга страна, Работнички дома има шанса да го завери со победа директниот пласман во Лига Европа, а во тој случај Шкупи би чекам милостина од тетовци.

Во трката за опстанокот Победа и Скопје влегуваат со ист број на бодови, по 35, а Пелистер е последен со 34, но прилепчани имаат пол-позиција затоа што имаат подобар меѓусебен скор со „пиратите“ за еден гол (5-4) и било каква победа над Ренова без оглед на другите мечеви на ривалите ќе си го обезбедат баражот.

Пелистер, пак, има најтешка задача и „невозможна мисија“, затоа што ем што треба да победи во Тетово со неприкосновената Шкендија, туку мора и двата ривали да кикснат. За Скопје, пак, шансата е само помош од Ренова и победа или реми со Работнички (бод само ако Победа загуби). „Пиратите“ имаат уште една луда комбинација во која им треба помош од битолчани да освојат бод со Шкендија, арно ама и тие, но и победа да – загубат. Тогаш во минитабела на трите најслаби при ист број на бодови, Скопје би бил најдобар и би опстанал.

Разврската за сезонава во која битката за титулата заврши на самиот старт на пролетва почнува во 16.15 часот. Останува само да се види дали домаќините ќе ја искористат предноста и ќе се радуваат, а со тоа нема да има големи сплетки или последните час и половина од домашен фудбал ќе донесат епска неизвесност.

ПРВА ЛИГА, 36. КОЛО (16.15 ЧАСОТ)

„Филип Втори“: Работнички – Скопје

Тетово: Шкендија – Пелистер

Струмица: Победа – Ренова

Чаир: Шкупи – Вардар

Турново: Академија Пандев – Силекс

ТАБЕЛА

Шкендија 88, Вардар 56, Работнички 49, Шкупи 48, Силекс 47, Академија Пандев 42, Ренова 41, Скопје 35, Победа 35, Пелистер 34

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ