strumica denes logo

ИНТЕРВЈУ НА СТРУМИЦА ДЕНЕС СО АК БЕЛАСИЦА РАН – СПОРТСКИ КЛУБ ЗА РЕКРЕАТИВНО ИЛИ ПРОФЕСИОНАЛНО ТРЧАЊЕ ВО СТРУМИЦА!

Автор:

Датум:

април 21, 2021

Категории:

Спорт, Струмица

Автор:

Датум:

април 21, 2021

Категории:

Спорт, Струмица

АК БЕЛАСИЦА РАН е името на новиот спортски клуб од Струмица за рекративно или професионално трчање. Клубот е едно вистинско освежување за нашиот град кое со сигурност во иднина ќе продолжи да расте и да бележи успеси. На наше огромно задоволство, интервју со АК БЕЛАСИЦА РАН.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: АК БЕЛАСИЦА РАН е името на новиот спортски клуб за рекреативно или професионално трчање од Струмица. Од каде идејата? Да ги запознаеме струмичани повеќе со вашиот клуб!

АК БЕЛАСИЦА РАН: Самата идеја да се формира клубот се појави спонтано, како и начинот на кој се запознавме со другите членови од клубот. Размислувавме доста околу името на клубот и на крај решивме дека планината Беласица е обележје значајно за целиот струмички регион и претставува место од кое многу луѓе влечат инспирација и се поистоветуваат со енергијата на планината. Затоа и планината се наоѓа на грбот и логото на клубот.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Колку членови сте во моментот и во кои натпреварувања сте учестувале досега?

АК БЕЛАСИЦА РАН: Во моментот клубот брои повеќе од 25 членови и постојано бројот се зголемува поради тоа што се повеќе луѓе почнуваат да водат активен живот, а ние препознавајќи ги по улиците го правиме првиот чекор за да им пријдеме. На почеток сите ние движевме и трчавме поединечно и со тек на време почнавме да се групираме. Најпрвин двајца, тројца за еве на крај да станеме група од повеќе од 25 членови. Интересен е фактот што претходно со овие луѓе не се ни знаевме, а сега комуницираме секојдневно и функционираме како единка. Сме учествувале на многу натпревари организирани во Македонија и регионот, како и низ Европа. Од поголемите би ги издвоил Скопје, Софија, Белград, Валенсија, Париз, Ливерпул. Позначајни успеси можат да се издвојат второто место на штафетен маратон, прво и трето место на 3x7km на Трчаме кон целта на Столе Ангеловски, Кико Нистров и Марјан Стојков. Мора да напомнеме дека нашиот клуб од оваа година е член на Атлетската федерација на Македонија и претходниот викенд го имавме првото официјално учество на Националното првенство на 10.000 метри на кое учествуваа двјаца наши членови Слободан Панајотов и Васил Георгијевски.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Секојдневно струмичани веќе можат да ве забележат низ улиците. Колку отприлика трае вашата секојдневна активност?

АК БЕЛАСИЦА РАН: Не само низ улиците, градскиот парк и трим патеката над градот, често трчаме и низ околните регионални патишта кон Василево, Куклиш, Банско, Вељуса, брана Водоча и планината Беласица. Сметам дека тоа е и најголемиот проблем со кој се соочуваме, немаме соодветна патека за тренинг и приморани сме да се изложуваме на ризик од сообраќајот по патиштата. Истотака, немаме пристап до единствената атлетска патека на градскиот стадион која е во очајна состојба. Ако се вратиме на тоа колку трае една активност, тоа зависи од растојанието кое треба да се помине, темпото на движење, а тоа гледано во време може да биде од половина час и некогаш два или три часа.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Кој е вашиот следен предизвик?

АК БЕЛАСИЦА РАН: Во ова време на пандемија и услови во кои се откажуваат и презакажуваат големите трки и настани, се обидуваме да ја искористиме секоја шанса која ќе ни се пружи. Наш следен предизвик е Атлетскиот Митинг за Сениори „ Отварање на Сезона 2021“ кој ќе се одржи на 24ти април 2021 година на Националната арена „Тоше Проески” во Скопје.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Вашето мото со кое би ги мотивирале и останатите?

АК БЕЛАСИЦА РАН: Главното мото и порака која ја испраќаме до сите е дека секој може. Ниеден почеток не е лесен, но секој може да го промени својот живот доколку си постави реални цели и работи на нив. Во нашиот клуб голем број од членовите започнале со рекреативно трчање за да го подобрат своето здравје и физичкиот изглед и освен што успеале во тоа, трчањето стана дел од нив, ново хоби и пасија што расте секојдневно.

И за крај на сите читатели би им препорачал да одвојат дел од своето слободно време и да го поминат надвор на отворено, на сонце, во парк, на планина и да спортуваат колку што можат повеќе. Здравјето пред се’.