strumica denes logo

БЕЛАСИЦА НИЗ ИСТОРИЈАТА: Љупчо Мафков, најдобриот стрелец на сите времиња на Беласица!

Автор:

Датум:

август 29, 2023

Категории:

Спорт, Струмица

Автор:

Датум:

август 29, 2023

Категории:

Спорт, Струмица

“БЕЛАСИЦА НИЗ ИСТОРИЈАТА”

Љупчо Мафков, најдобриот стрелец на сите времиња на Беласица со вкупно 115 првенствени голови, постигнати сите во Првата македонска лига.
Настапува на 260 првенствени натпревари по што е седми во историјата на Беласица, во текот на 10 сезони.

Ги поминува сите младински категории на Беласица пред да дебитира за првиот тим.

Дебито и првиот гол за Беласица го забележува против Слога од Скопје во март 1973 година, на 18 годишна возраст. Во следните две сезони е втор стрелец на тимот (1973/74 – 9 голови, зад М. Георгиев – Шеки, а 1974/75 – 10 голови, зад Б. Тасев). Најдобар стрелец на Прва македонска лига со 27 голови ќе биде во сезоната 1975/76, притоа на три меча постигнува, хет трик. Следната 1976/77 со 19 голови е втор најдобар стрелец во лигата (хет трик против Тиквеш), зад уште една наша легенда, Валандовчанецот – Миле Боев. Најдобрите македонски екипи ќе го бараат, но ќе остане верен на Беласица.

Во следната сезона (1977/78) по трет пат последователно е најдобар стрелец на тимот со 16 голови. На мечот со Транскоп дава хет трик, а со Гостивар постигнува 4 голови. Во сезоната 1978/79, Беласица засилена со своите поранешни играчи, го освојува третото место, а Мафков со 12 голови е втор стрелец на тимот, зад Н. Секулов. Во сезоната 1979/80, по 4-ти пат ќе е најдобар стрелец на екипата со 11 голови, а Беласица пак е трета во Првата македонска лига. Во оваа сезона на мечот против Љуботен постигнува 4 голови. Во сезоната 1980/81 постигнува 4 голови и оди во ЈНА во сезоната 1981/82. Се враќа во Беласица за сезоната 1982/83, кога Беласица станува шампион на Првата македонска лига и влегува за прв пат во својата историја во Втората југословенска лига – Исток.

Последниот настап во Беласица го има во мај 1983 година против Охрид.

Ќе остане запаметен, како еден од најдобрите напаѓачи во Македонија, во пикот на својата кариера (периодот од 1973 до 1980 година).
* Денес е 69-ти роденден на нашиот легендарен напаѓач.

** Со него ја започнуваме новата рубрика „БЕЛАСИЦА НИЗ ИСТОРИЈАТА“, чија цел е да им се оддаде јавно признание на сите легенди на Беласица, кои играле во овие 101 година постоење на Беласица.