По пауза од 12 години македонскиот прволигашки фудбал повторно ќе биде збогатен со дербито меѓу големите ривали Беласица и Вардар. Најтрофејниот наш фудбалски колектив, денес во рамки од четвртото коло на домашниот шампионат ќе гостува на „Младост“ во Струмица, против амбициозната Беласица (од 16:15 часот), која сè уште чека на своите први бодови во елитата.
Новајлијата во ПМФЛ, со нов изглед ќе ги пречека разиграните момци на Александар Васовски, кои по три кола се на втората позиција со две победи и едно реми. Во последните денови од трансфер периодот струмичани во своите редови доведоа четири имиња. Дресот на Беласица ќе го носат Добаров, Петров, Вујчиќ, како и поранешниот вардарец и бивш македонски репрезентативец Филип Ивановски. Струмичкиот тим лошо ја започна новата сезона, откако загуби против Победа, Академија Пандев и Шкендија.
Вардар пак, од меч во меч игра сè подобро. По ремито со шампионот Шкендија, славеше на гости кај Ренова, за потоа на свој терен во Маџари стигна до нови три бода во дуелот против Македонија ЃП.
Последни меѓусебни натпревари:
19.04.06 – Вардар – Беласица 3-0
04.12.05 – Беласица – Вардар 0-2
18.09.05 – Вардар – Беласица 2-1
10.04.05 – Беласица – Вардар 2-1
21.11.04 – Вардар – Беласица 2-1
Струмичани повторно очекуваат полни трибини на „Младост“, а старт на мечот ќе означи Марјан Маркоски.