Беласица ќе се засилува со Бразилец, Хрват и Србин

јуни 13, 2018

 

Ацо Стојанов е именуван за нов спортски директор во редовите на новиот прволигаш Беласица. Поранешниот тренер на Хоризонт Турново но и Беласица повторно се враќа во струмичкиот клуб сега како засилување за менаџерскиот тим во спортскиот дел.

Од таборот на Беласица, и покрај досегашните засилувања со Зоран Балдовалиев и голманот Никола Вујанац, најавуваат дополнително освежување на играчките редови и со неколку странски фудбалери. Првата прозивка на стартот од подготовките е закажана за 18. јуни кога на проба треба да се јават тројца фудбалери од Бразил, Хрватска и Србија. Од клубот, пак, досега заминаа Мирчевски, Здравков, Василев и Миле Костовски.

Согласно програмата на стручниот штаб, од 6. до 21. јули тимот заминува на подготовки во Златибор, Србија каде се планирани и пет пријателски средби, од кои засега е договорен дуел со Мачва Шабац. Претходно, на 1. јули договорен е тест со Македонија ЃП во Скопје, а генералката ке биде со новиот второлигаш Кит-Го на 29. јули.

Во текот на вчерашниот ден Беласица потпиша и договор за професионална соработка со бугарскиот шампион Лудогорец.

„За нас, како клуб кој има високи амбиции и цели, овој договор е од големо значење, пред се поради тоа што ПФК Лудогорец е можеби и најдобро организираниот клуб на Балканот. Седум пати e шампион на Бугарија и два пати влегува во групна фаза во Лига на шампиони. Соработката ја договорија нашиот координатор на младинската школа Ацо Стојанов заедно со директорот на младинската школа на ПФК Лудогорец Јаков Папарков и координаторот Валентин Станчев. Оваа соработка најпрвин ќе започне помеѓу младинските школи. Нашите тренери од младинската школа ќе имаат можност да присуствуваат на различни професионални обуки во Разград, и да учат од искуствата на бугарскиот шампион“ – велат од ФК Беласица.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: