ЗЛОТО НЕ ТРЕБА НИТУ ВО ШЕГА ДА СЕ ПОВИКУВА, ДЕНЕСКА Е СВ.ЛУКА, А НЕ „ХАЛОВИН“

октомври 31, 2019

Отец Лука:

По повод „Ноќта на вештерките“ – Halloween

Нашиот живот, за нас Православните Христијани во Северна Америка, е исполнет со искушенија и потешкотии и со себе носи секогаш едно мачно и тешко прашање: Како да се спаси човекот кој живее во времето на општа апостасија и беззаконие. Лесно! Човекот единствено и само низ Црквата може да се спаси; на тој Кораб кој сигурно плови кон спасението и чиј Кормилар е самиот Христос!

Токму поради тоа, човекомрзецот сатана, со своите лукавства нè одвраќа од Црквата и нè води во бездната. Како лукав душеловец и човекоубиец, често ни понудува „бродови и бротчиња“, кои по правило се преобразуваат во подморници и своите патници ги испраќаат во адската бездна.

Една од таквите лудости, кои сатаната ги има во својата палета на погубни злоби, е секако и „празникот“ Халовин (Halloween). Овој таканаречен празник, на нас од стариот континент ни беше речиси непознат. Единствениот допир со Халовин, или Ноќта на вештерките, го имавме преку „популарната култура“. Го среќававме во Американските филмови и книги, кадешто можевме да го видиме како дел од локалниот фолклор. Затоа, не е за чудење тоа што голем број од нас Православните Христијани, кои сме доселеници во Северна Америка, лесно пропаѓавме во оваа сатанска стапица. Честопати без размислување и под влијание на „локалците“, лесно се прилагодуваме и ги свиваме колената пред мамона, им принесуваме жртва на идолите и се одрекуваме од Христа, а за тоа да не сме ни свесни.

О, каква страшна погибел! Тешки зборови, зар не? Па, навистина ли е толку опасен тој Халовин? Можно ли е навистина Православниот Христијанин да се одрекува од Христа ако учествува во такво нешто? Мнозина на ова само одмавнуваат со раката и говорат: добро, добро… Она коешто тука може да се чуе, од оние кои се обидуваат да се оправдаат, главно се следниве аргументи:

– „Ама тоа е безопасна и шеговита прослава“
– „Па тоа е само обичен маскенбал, убав провод за децата“
– „Тука нема никакво зло, тоа е само обично глупирање“

Токму овие и слични на нив аргументи – се релативизирање на злото! Тоа е сатанска реторика која секогаш го оправдува и го релативизира гревот, говорејќи: ама не е тоа ништо страшно, само ти направи го тоа и ќе видиш дека не е страшно! Едно е вистинито во сите овие тврдења: на површината сè делува наивно и безопасно. Наводно, денешниот Халовин нема никаква врска со оној „вистинскиот“ и изворен Келтски обичај на празнување на Принцот на Смртта. Ако е така навистина како што велат, зошто тогаш се прославува на истиот ден? Зошто ја има истата „иконографија“ и истиот редослед на обредот како и древниот паганскиот празник? За сето ова да го разбереме, мораме да ја откриеме историјата, демонската догматска позадина и практикумот на овој пагански обичај. Само на тој начин, јасно и правилно ќе можеме да расудуваме и да добиеме одговор на прашањето: Дали православниот верник на било кој начин може да учествува во празнувањето на Халовин!?

Првата стапица на лукавиот лежи во самото име Халовин. Овој израз е староанглиски – “All Hallow Eʹen” и преведено би значело: Ноќ на сите Светии. Значи, самиот наслов нема никаква врска со Келтскиот култ на смртта, туку со Богоносните Отци на Црквата, Келтските и Галските Просветители и Рамноапостолни светители, кои го ширеле Христијанството низ Северна Европа.

Отците го востановиле празнувањето на Сите Христијански Светители токму на овој ден, за да се борат против паганството, со Светлината на Вистината и со Силата на Крстот, за да се разобличи паганската ѓаволопоклоничка пракса.

Само од незнаење и со лукавството на сатаната, ова свето име се врзува повторно за паганското празнување на смртта.
Денешниот Халовин е празник базиран врз празнувањето на Келтскиот Култ на Новата Година, кој го славеле народите на паганска Ирска, Британија и некои делови од Франција.
Нивната паганска идолопоклоничка религија учела дека животот се раѓа од смртта, па така смртта се сметала за почеток на животот.

Токму поради тоа, новиот циклус на животот, новата година, се прославувала со умирањето на природата. Затоа празникот е поврзан со Први Ноември, почетокот на „умирањето на природата“, со студот, мракот, трулежот и распаѓањето, од кои повторно ќе никне животот – почетокот на владеењето на Самхаин, за кого древните Келти верувале дека е Принцот на Смртта и на темнината.

Токму него, „Принцот на Смртта“, го прославувале за своја нова година.
Недвосмислено е кој е тој Самхаин според преданието на нашата Света Црква и колку многу ѓаволопоклоничко содржи самата „теологија“ на Келтскиот култ.

Сепак, да погледнеме подлабоко и ќе се увериме дека станува збор за вистински култ на ѓаволот.
Самиот ритуал на древниот „Келтски Култ на Мртвите“ многу малку се разликува од денешното световно прославување на Халовин во Северна Америка.

Некогаш Друидите, свештениците на култот, наредувале да се згаснат сите светила. Потоа, на сред село наложувале клада од дабови дрвја, светото дрво за келтите.

И токму тука, на овој оган се принесувале жртви на Принцот на Смртта, се горела стоката и живината, за тој да се одоброволи и за да ги пушти духовите во овој свет.

Духовите на предците, еднаш пуштени во овој свет, заминувале во своите некогашни живеалишта за да „заедничарат“ со живите. Така, на овој начин преку сатаната, се остварува единството со сите оние кои се во царството на смртта.
Доколку веруваме во учењето на Црквата, тогаш од праотецот Адам па сè до симнувањето на Господа Исуса Христа во пеколот по Распетието, целиот човечки род бил во адот!!!

Токму во ова излегување на душите од пеколот во светот, лежи коренот на маскирањето во акрепи, духови и нивното талкање низ мракот. Живите се маскираат во мртвите, па така целиот човечки род, оние од светот и сите оние од пеколот, стануваат едно. Пеколот е на земјата, а Принцот на Смртта е кралот! Накусо, тоа би била „теолошката“ основа на самиот „празник“.

Значи, според тоа, како може некој кој верува и исповеда дека Исус Христос е Овоплотениот Бог Кој го победи ѓаволот, гревот и смртта, да зема учество во прославувањето на празникот на Самхаин, според кој пеколот царува на земјата?

Една од главните активности на Халовин е маскираните деца да одат наоколу и да тропаат по вратите од домовите и притоа да велат: “trick or treat”, што во буквален превод значи – лукавство или дар. Но, ајде да видиме што е тоа всушност и кое е значењето на тој обичај.

Древните Келти верувале дека кога душите на починатите ќе влезат во царството на смртта преку трулежот на телото, во мракот и смрдеата тие остваруваат целосна заедница со Самхаин (сатаната). Верувале, исто така, дека тие души во царството на смртта се гладни и дека гладуваат во агонија.

Кога еднаш ќе биле пуштени во светот, душите и духовите од подземјето, како и оние кои ги имитираат со своите костими, оделе по домовите да се нахранат и напојат.

Погледнете го сега тоа: живиот човек си зема за себе облик на некоја душа од пеколот, ја имитира, талка по улиците и тропа по вратите викајќи: „trick or treat”! Нахрани ја мојата вечна глад! Тоа го велат маскираните во име на духот во кој се маскирани. Всушност тоа е тој дар, жртвата која мора да се принесе! Доколку не ми дадеш жртва, тогаш еве ти „лукавство“, т.е. проклетството на мојот господар Самхаин, односно сатаната!
Значи, се врши уцена во името на ѓаволот: Дај или биди проклет во името Самхаиново!

На овој начин, уценетиот не му принесува дар на лажниот дух, на детето завиткано во чаршав, туку му принесува директно жртва на сатаната.

Така, ако ги согледаме обичајот и догматските основи на култот, тогаш „trick or treat” би можело подобро да биде преведено во „жртва или проклетство“.

Погледнете ја само страотната слика кога едно мало детенце говори: принеси му жртва на сатаната или биди проклет!
И на слепец му е веднаш јасно дека еден Православен Христијанин, кој зема учество во овој обред, по своја слободна волја склопува сојуз со царството на смртта, кадешто царот не е Самхаин, туку самиот сатана лично, и дека тоа не е ништо друго туку доброволно одрекување од Бога и предавство на Христос и Црквата!

Тоа што Друидите, свештениците на култот го правеле во текот на ранохристијанскиот период, се прави и денес!
Откако Христијанството пристигнало меѓу Келтите, кога Богоносните Отци со Евангелската вистина го растерале мракот на незнабоштвото, многу Келти се бореле против Христијаните. Праксата која во тоа време ја имале Друидите се состоела во тоа, да се прославува Денот на Мртвите тогаш кога Христијаните почнале да ги слават Сите Светии, за да се омаловажат и фрлат на потсмев Христијанските симболи. Вообичаено распнувале мачки на крстови и ги сквернавеле крстовите особено на гробиштата.

Многу подоцна, со повторното воспоставување на овој таканаречен „празник“ во Северна Америка, гледаме присоединување и на други сатанистички симболи кон овој Келтски култ.

Па така, денес можеме да видиме на многуте „наивни“ пластични декорации –крстови завртени наопаку, пентаграми, око во извртен триаголник… но секако и делови од вештерскиот култ како Вуду и Јуруба, присутни низ симболиката на живите мртовци, зомбите. Значи од една страна, лековерните ќе речат: ете, обединето е сè од поп-културата, што делува застрашувачки во еден забавен настан!

Но, вистината е поинаква. Таткото на сите лаги – сатаната, ја заокружил својата душепогубна злоба и си создал за себе прославување на земјата, какво што немало ниту пред илјада години!

Со пропаста на Христијанскиот Запад, со падот на системот на вредноста и губењето на моралот, па дури и на самиот Христијански идентитет, ние како општество многу сме се оддалечиле од Бога.

Така раслабени стануваме лесен плен, како на скриеното така и на отвореното делување на сатаната.
Како е возможно денес просветениот свет да ги слави труповите, смртта и трулежот?
Како е можно крстените души да учествуваат во ѓаволските литии облечени како акрепи?
Дали е тоа либерализам и дехристијанизација на секуларниот запад или пак е отворен култ на сатаната?
Дали е тоа сатанизам, вешто маскиран во допадлива шоу-програма, забава и разонода за деца?
Зарем ние родителите да ги сквернавиме своите деца, облекувајќи ги во акрепи, да ги испраќаме во името на сатаната да собираат жртва?

Сето тоа го правиме со насмевка и велиме: ама тоа не е ништо, тоа нема никакво подлабоко значење, сето тоа е само игра и разонода…!

Како да се справуваме со ова искушение? На кој начин да им објасниме на своите деца? Зарем тие да бидат изопштени? Зар да им се потсмеваат на училиште, затоа што не учествуваат во прославите? Зарем децата да ми бидат заедно со Мормоните и Јеховините сведоци? Сакаш ли да му забранам, па спротивставувајќи ми се, за инает кон мене да направи нешто уште полошо?

Сите овие прашања ги имаме ние, Православните родители, но како понатаму?
Како прво и основно, мораме цврсто да веруваме во Бога! Господ вели: „Јас сум воскресението и животот, кој верува во Мене, и да умре, ќе живее. И секој, што живее и верува во Мене, нема да умре довека.“ (Јн. 11, 25-26).
Па тогаш, треба ли ние да веруваме во измамата на сатаната? Зарем треба да одиме и да бараме дарови во името на сатаната? Да правиме такво безумие, а тука да говориме : Верувам во Господ Исус Христос, Кој рече: „Јас сум лебот на животот; кој доаѓа при Мене, нема да огладни, и, кој верува во Мене, нема никогаш да ожедни“ (Јн. 6, 35).
Доколку нашите деца се воцрковени, доколку се причестуваат со Светите и Животворни Дарови, доколку ние како родители живееме Евангелски живот, секако дека полесно ќе се избориме против оваа соблазна.
Доколку пак, ги оставиме нашите деца да бидат воспитувани од ријалити програмите, од естрадата и од Јутјуб, тогаш тешко ќе го совладаме сатаната.

Црковниот живот не ни е гаранција дека нема да имаме искушенија! Напротив! Ако се бориме против ѓаволската сила, и ѓаволот ќе удира по нас со сета своја жестина.

Потребно е да се знае дека кога сме во Црквата, во заедница со Самиот Господ Бог и Богородица и со Сите Светии и со славните маченици и преподобни отци и мајки наши, ќе одолееме на ѓаволската напаст.

Денес, кога нашата Света Црква го прославува Евангелистот и Апостолот Христов Лука, кога речиси сите парохиски храмови во дијаспората служат Света Литургија, земи ги децата и појди во Црква!

Како што рече старец Тадеј Витовнички: „Секоја Света Литургија е како атомска бомба фрлена во пеколот!“
На Литургијата сè се осветува и сите, макар на кратко, постануваме свети во присуството на толкава Светиња: Крвта и Телото на Самиот Господ Исус Христос! Пред толкава сила, ѓаволот се повлекува! На тој начин, православниот родител треба да се спротивставува на овој отворен сатанизам и беззаконие!

Нека ја слават смртта оние кои тоа го сакаат, ние пак Го славиме Оној, Кој смртта со смрт ја победи, Господ Исус Христос, Кој заради нас се облече во смртно тело и се принесе Себеси како жртва, за спасение на родот човечки и на Кого со Беспочетниот Отец и Благиот и Животворен Дух, нека е Слава во сите векови! Него и само Него, Едниот во Троица го Славиме и други богови освен Него не познаваме!
Амин!

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ