ЗА ВЕЛИГДЕН МОЖЕН Е 85 ЧАСОВЕН КАРАНТИН ВО МАКЕДОНИЈА, ОД ПЕТОК ДО ВТОРНИК НАУТРО!

април 12, 2020

Постепеното укинување на рестриктивните мерки, како што рече Филипче, може да почне во почетокот или кон средината на мај

За најмалку 24 часа подолг карантин од моменталниот (кој почна во петок во 16 часот и ќе трае до утре до пет часот наутро) за време на велигденските празници, најави министерот за здравство Венко Филипче, на денешната едукативна видео-сесија во врска со коронавирусот, односно од петок до вторник наутро.

Тој рече дека за мерките за ограничување на движењето за Велигден ќе се разговара следната седмица, почнувајќи од утрешната владина седница, а одговарајќи на новинарско прашање дали е разгледувана можност за воведување полициски час од четврток попладне до вторник наутро.

„Една од можните мерки што се разгледува е ограничување на движењето од петок до вторник наутро. Тоа би значело рестрикција како и овој викенд плус понеделник, а без четврток. Сепак, конкретна одлука за тоа ќе се донесе деновиве“ рече Филипче.

Од почетокот на оваа седмица, Владата ги заостри рестрикциите за движење на граѓаните, така што полицискиот час во работните денови, наместо од 21 часот, почнува од 16 часот. Ограничувањата, што првично беа применети во Куманово, сега важат за целата територија на државата.

Филипче рече и дека се почнати подготовки за ублажување на рестриктивните мерки за движење. Постепеното укинување на мерките, како што рече, може да почне во почетокот или кон средината на мај.

„И сега преземаме одредени мерки да се спремат капацитетите. Сите оператори треба да се подготват за тоа како треба да се функционира во новите услови. Допрва се утврдува моментот кога ќе го вратиме животот во нормала. Тоа ќе биде најверојатно некаде на почетокот или кон средината на мај“, рече Филипче.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ