Имено, во православниот калeндар постојат три личности со исто име света Параскева – Петка, поради што кај народот најчесто се мешаат и се мисли дека се работи за иста личност. Првата е света Петка – Римјанка, втората света Петка од Иконија и третата света Петка Епиватска, позната и како Трновска. Најпозната меѓу нив е третата на која празникот, познат под името Петковден и со домашни слави се празнува на 27/14 октомври. Поради тоа и другите две се идентификуваат со неа. Ефтим Спространов во записите на обичаи и верувања од Охрид сведочи дека се правело разлика меѓу Петковден, празникот во октомври и света Петка од 26 јули (стар стил). Тој уште сведочи дека на овој ден од градот и од селата оделе на манастирот посветен на света Петка во близината на Охрид.
Овие личности името го добиле поради тоа што се родени во петок, а петокот бил ден за подготовка поради тоа што кај Евреите во претхристијанскиот период саботата била празник. Оттука Параскева значи подготовка.
Култот кон света Петка кај нашиот народ е многу раширен. Таа се смета за заштитничка од разни несреќи, но и од многу болести. Со нејзиното име се поврзани и чудотворни икони и многу лековити води наречени петочни води. Оттука и празнувањето на петокот како посебно тежок ден во неделата. Според некои записи од минатото во некои наши краишта (на пр. Мариово) петокот се празнувал повеќе од неделата.