strumica denes logo

ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦЕ, СПАСИ НАС: Денеска е Рождество на Пресвета Богородица – Мала Богородица!

Автор:

Датум:

септември 21, 2020

Категории:

Празници

Автор:

Датум:

септември 21, 2020

Категории:

Празници

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 8 септември. Денеска е Рождество на Пресвета Богородица, меѓу народот познат празникот како Мала Богородица.

Пресвета Дева Марија се роди од своите стари родители, Јоаким и Ана. Татко ѝ беше од племето Давидово, а мајка ѝ од родот Аронов. И така, таа по татко беше од царски, а по мајка од архијерејски род и со тоа го предобразуваше

Оној Кој од неа ќе се роди, како Цар и Првосвештеник.

Нејзините родители беа веќе остарени, а немаа деца. И затоа беа посрамени пред луѓето и скрушени пред Бога. И во својата скрушеност Му се молеа на Бога со плач, да ги израдува во нивната старост и да им подари едно чедо, како што некогаш ги израдува старецот Авраам и старицата Сара подарувајќи им го синот Исак.

И семоќниот Бог Кој гледа сè ги израдува со радост што ги надминуваше сите нивни очекувања и најубави соништа. Бидејќи им подари не само ќерка туку и Божја Мајка; ги озари не само со привремена радост туку и со вечна.
Бог им даде само една ќерка, која подоцна им роди само еден внук – но каква ќерка и каков внук! Благодатната Марија, прославена меѓу жените, храм на Светиот Дух, олтар на Живиот Бог, трпеза на небесниот леб, кивот на светоста Божја, дрво со најсладок плод, слава на родот човечки, пофалба на женскиот род, источник на девственоста и чистотата – тоа беше од Бога даруваната ќерка на Јоаким и Ана.

Родена во Назарет, а по три години одведена во храмот јерусалимски, од каде што се врати подоцна пак во Назарет, за наскоро да ја чуе благовеста на Светиот Архангел Гавриил за раѓањето на Синот Божји, Спасителот на светот, од нејзиното пречисто и девствено тело.

Црквата го востановила овој празник поради посебното значење што го има пресвета Богородица, па во врска со тоа и нејзиното раѓање во Божјата економија на спасението. Онаа што подоцна ќе го роди Бога се роди од благочестивите родители Јоаким и Ана.

Јоаким потекнуваше од еврејскиот царски род, а Ана од свештеничкиот. Немаа деца цели 50 години, но имаа цврста вера во Бога и срдечно се молеа да им биде дадено дете. Голема им беше радоста кога се роди Марија, но голема беше и нивната чесност пред Бога, па тие, не заборавајќи дека Бог на посебен начин им го дал детето, ја дадоа Марија да се воспитува во Ерусалимскиот храм до времето кога му стана свршеница на праведниот Јосиф, т.е. кога Бог одреди да ја прими благата вест од ангелот дека ќе го роди Спасителот на светот.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Матеј.

Роден е во Кафарнаум. Кога Исус го повикал кај апостолите, тој бил цариник. Од записите на црковниот историчар Еузебиј, дознаваме дека Матеј пред своето заминување на далечното мисијско патување, им проповедал на Хебрејците, а потоа на хебрејски јазик им го напишал Евангелието (животот на Исус Христос). Свети Матеј како и другите апостоли умрел маченички.