Митрополит Струмички Наум
Не плаши се, мало стадо (18.04.2020)
Демонот сака само да нѐ исплаши, та самите да го направиме гревот, затоа што тој не може да нѐ присили да направиме грев. И во најлошото сценарио имаме власт, сила и слободен избор да останеме во доброто и да го одбиеме злото, а не, пак, во ова…
Бог не допушта искушението да биде поголемо од она што ние можеме да претрпиме, под услов правилно да го надминеме: со прифаќање, со благодарење, со себеосудување, со непокажување и со молитва.
И, времето на последните случувања го знае само Отецот, но зависи само од нас, од нашето покајание и љубов; а воопшто не зависи од некој што би сакал да го зацари синот на беззаконието.
Сѐ додека има луѓе што Го сведочат Христос и сѐ додека има луѓе што се спасуваат поради тоа сведоштво, сѐ дотогаш овој свет ќе има смисла да постои.
Токму заради ова и Самиот Богочовек Христос нѐ теши: „Не плаши се, мало стадо, зашто волјата на вашиот Отец Небесен е вам да ви го дарува Царството Небесно“.
Христос Воскресе!