strumica denes logo

Крстовден – кратка сторија за големиот празник!

Автор:

Датум:

септември 27, 2020

Категории:

Празници

Автор:

Датум:

септември 27, 2020

Категории:

Празници

Воздвижение на Чесниот Крст или Крстовден — значаен христијански празник од есенскиот циклус, еден од 12-те големи празници, којшто е непроменлив празник и секогаш се паѓа на 14 септември, односно на 27 септември по стариот календар. Крстовден е празник на пост и покајание. Овој ден се празнува во чест на наоѓањето на крстот врз кој бил распнат Исус Христос, наречен Чесен Крст, и во чест на неговото враќање од Персија во Ерусалим. Поради неговата чудотворна моќ крстот е наречен и животворен крст. На овој ден верните се потсетуваат на распнатиот Богочовек, на Крстот достоен за безусловна верност, и на неизбежното спасение кое доаѓа преку Христовото Распетие и сораспнувањето со Него. За време на празникот, Крстот е положен во центарот на Храмот, окружен со цвеќа и гранчиња босилек.

Црквата празнува два празника поврзани со Чесниот Крст, зимскиот Крстовден или Водокрст (18/5 јануари) е посветен на стариот обичај според кој на овој ден биле крштевани оние што го примале христијанството, а есенскиот Крстовден, под името Воздвижение на Чесниот Крст се празнува во чест на наоѓањето на крстот на кој бил распнат Исус Христос. Овој настан и се припишува на царицата Елена, мајката на славниот цар Константин, основачот на Цариград (Константинопол).

Во почетокот на IV век Римското Царство била поделена меѓу четири совладари- кесари. Со Италија и престолнината Рим владеел Максениј, користољубив и свиреп човек кој го искористувал и малтретирал народот. Поради тоа народот побарал помош од Константин кој во тоа време владеел со териториите каде што денес се наоѓаат Англија, Франција и Шпанија. Царот Константин со својата војска тргнал на Рим и пред борбата со Максцениј во 312 година еден ден попладне на небото видел нишан – светол крст и напис: „Ова победува.“ Тоа го виделе и неговите војници.

Потоа следната ноќ на царот Константин и во сонот му се јавил Исус Христос со истиот знак и му рекол да направи војнички знак како тој што го видел на небото, да го носи пред војската и ќе го победи многу посилниот непријател. Утрото им го раскажал сонот на своите пријатели и веднаш повикал златари за да го направат крстот онака како што тој им го опишал. А неговиот опис бил следниов: На копје покриено со злато имало пречник што со копјето правел крст. На врвот од копјето имало венец од злато и бесценети камења, а на венецот првите две букви од Христос: Хр. Овие две букви подоцна царот ги носел на шлемот. На пречникот висела тенка пурпурна ткаенина навезена со злато и покриена со бесценети камења. На копјето под самиот крст, на горниот дел од ткаенината биле насликани во разни бои ликовите на царот и неговите деца. Со овој знак Константин влегол во борба против Максцениј кој бил утврден во близината на Рим и лесно го победил. Со многу војници Максцениј се удавил во Тибар на 28 октомври 312 година. Царот Константин влегол во Рим, радосно пречекан од населението, затоа што го ослободил градот од тиранинот.

Подоцна Константин со овој знак извојувал повеќе победи. Царот Константин среде Рим подигнал споменик на овој знак со што означил дека овој знак е чувар на Римското Царство. Подоцна изградил и статуа со својот лик, со крст во десната рака и со напис на латински јазик. „Со овој спасоносен знак што е сведоштво на вистинската храброст го ослободив вашиот град од јаремот на тиранското владеење, на сенатот и на римскиот народ им ја вратив слободата и поранешниот украс и сјај.“ Уште двапати царот Константин имал чудни привиденија со Чесниот Крст и двата пати извојувал значајни победи.

Првите три века не се знаело каде се наоѓа крстот на кој бил распнат Исус Христос. Се претпоставувало дека е закопан во близината на неговиот гроб, бидејќи според тогашните еврејски обичаи крстовите биле закопувани во близината на гробовите. По многуте напади на Ерусалим, по повеќето борби и разурнувања на градот била изменета и конфигурацијата на земјиштето. Од друга страна пак неверниците и Евреите намерно ги обезличувале христијанските светилишта, или врз нив подигнувале пагански храмови. Царицата Елена при обиколката на светите места се интересирала и за крстот врз кој бил распнат Исус. По совет на патријархот Макариј биле прашани најстарите луѓе, но само еден по име Јуда, знаел дека крстот е во темелите на подоцна подигнатиот идолски храм на божицата Венера. При копањето нашле три крста, зашто на тоа место биле и крстовите од двајцата разбојници што биле распнати заедно со Исус. Тогаш се појавил проблем зашто не можеле да дознаат кој од трите е Исусовиот крст.

Пак по совет на патријархот Макариј со трите крстови допреле една болна жена и таа од допирот со едниот од нив оздравела. Во тоа време минувала и погребна поворка, а царицата Елена наредила врз мртовецот да ги ставаат крстовите еден по еден. И се случило чудо. Во допир со истиот оној крст од кој оздравела болната жена сега и мртовецот воскреснал. Тоа било знак дека тој е бараниот крст врз кој бил распнат Исус Христос. Кога за тоа разбрале жителите на Ерусалим потрчале да го видат тој крст. Тогаш мноштво народ дотрчал да го види животворниот крст, но од големата турканица што се создала тоа не можеле да го сторат. Тогаш владиката ерусалимски Макариј неколкупати го кревал и спуштал крстот вртејќи се на сите четири страни. Во тоа време народот се крстел и пеел „Господи помилуј.“ Тоа се случило околу Велигден 326 година. Царицата Елена изградила повеќе цркви меѓу кои и една на гробот на Исус посветена на Воскресението во која се чувал и Чесниот Крст.

Историчарот Сократ пишувал дека крстот е најден во годината по Никејскиот собор значи во 326 година, иако таа година умрела царицата Елена. Александриската хроника е попрецизна во датирањето на овој настан и посочува на 14 септември 320 година, иако некои хроничари овој настан го поместуваат неколку години порано. Оттогаш во Ерусалим секоја година на 14 септември се празнува празникот на светиот крст, а тој датум се поклопувал со денот на осветувањето на црквата, што царот Константин ја подигнал на местото на Христовиот гроб на Голгота и чие осветување било извршено на 13 септември 335 година. На овој ден во Ерусалим доаѓале многу аџии од целиот свет. За овој празник кон крајот на V век во Ерусалим дошла и познатата грешница Марија од Египет на покајание. Во нејзиното житие се раскажува дека празникот Воздвижение на Чесниот Крст се празнувал одамна и дека имало многу аџии.

Во почетокот празникот бил празнуван локално во Ерусалим каде што се случил настанот и каде што се чувале деловите од крстот. По нападот на персискиот цар на Византија, кога биле заземени Сирија, Месопотамија и Мала Азија и подоцна во 614 година кога бил заземен Ерусалим, била направена вистинска пустош во градот, а бил ограбен и храмот посветен на Воскресението заедно со светиот крст. Четиринаесет години крстот бил во рацете на Персијанците и многумина од нив за тоа време го примиле христијанството гледајќи ја силата на крстот. По победата на царот Ираклиј над Персија и светиот крст бил вратен во Цариград во 628 година, а следната 629 година заедно со крстот презел поход на Сирија, потоа во Ерусалим на 3 мај му го предал на свештеникот Захариј. Според светото предание царот Ираклиј самиот го носел крстот од Елеонската Гора до Голгота, а тука некоја таинствена сила го запрела и не можел да продолжи. Тогаш патријархот Захариј му укажал дека на тоа место Исус го носел крстот во понижувачка состојба, а не така облечен во царска облека.

Тогаш царот ги собул чевлите, ја сменил и облеката и го однесол крстот во храмот на Воскресението каде што било извршено подигнување и поклонување пред Чесниот Крст. Оттука во 638 година крстот бил пренесен во Цариград бидејќи арапите ја нападнале Сирија. Во црквата Света Софија бил извршен обредот Воздвижение на Чесниот Крст.