ДЕНЕС Е ДУХОВДЕН: Слегнување на Светиот дух!

јуни 16, 2019

Денеска се слави Света Педесетница – Духовден (Св. Троица) – педесет дена по Велигден Празник на Светиот Дух и на основањето на христијанската црква

На овој ден се исполнило Христовото ветување за доаѓањето на Светиот Дух – Духот на Вистината, Утешителот, Силата одозгора, ветувањето на Таткото, што Христос им го даде заповедувајќи им на апостолите да не се одалечуваат од Ерусалим додека тоа не се случи.

Духовден се вика и Педесетница, не само затоа што се празнува педесет дена по Велигден туку и затоа што настанот што му дава печат на овој ден се случил токму на еврејскиот празник Педесетница. Овие два празника Пасха и Педесетница, заедно со Преполовение се единствените што имаат основа во Стариот завет. Евреите го празнувале Пасха како ден на излегувањето на еврејскиот народ од египетското ропство, а празникот Педесетница го празнувале во спомен на денот кога Господ му ги подарил законите на Мојсие во Синајската Гора. Во Новиот завет Пасхата станала празник на излегувањето на човекот од ропството на гревот и на смртта и на влегувањето во вечниот живот, а Педесетницата во спомен на дарувањето на светиот Дух на апостолите.

Тој ден апостолите биле на едно место во Ерусалим, биле дванаесет на број зашто испразнетото место на Јуда Искариотски, кој по предавството на Исус се обесил, го пополниле со Матеј, кого го избрале со коцка од учениците Христови, за нивниот број пак да биде дванаесет. Околу 9 часот наутро одеднаш се слушнал силен шум од небото како дување на силен ветар, се покажал Светиот Дух, ја исполнил просторијата, а потоа во форма на пламени јазици слегол врз апостолите. Овој момент е претставен и на иконите во нашите цркви каде што се насликани на едно место сите апостоли, заедно со Богородица, а над нивните глави се гледаат пламени јазици што всушност го претставуваат Светиот Дух.

По овој настан апостолите започнале да зборуваат на разни јазици, а многубројниот народ што се собрал по силниот шум помислил дека тие луѓе зборуваат неразбирливо затоа што се пијани. Тогаш се појавил светиот апостол Петар кој на собраните луѓе им објаснил дека тие луѓе не се пијани туку се исполнети со Светиот Дух што им го испратил Господ. Потоа ги поканил да се крстат, а многумина што чувствувале товар на совеста поради настаните што му се случиле на Исус Христос, веднаш прифатиле да ја примат верата Христова. Само во тој момент се крстиле околу 3.000 луѓе.

Овој настан во Светото писмо поточно во книгата „Дела на светите апостоли од светиот апостол Лука“ вака е опишан: „Кога се навршија дните на Педесетницата, сите апостоли беа заедно и еднодушни. И ненадејно се чу шум од небото, како да идеше силен ветар, и ја исполни целата куќа, каде што седеа. И им се јавија разделени јазици, како огнени и застанаа по еден над секого од нив. И се исполнија со Дух Свети, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свети да изговараат. (…) Сите се чудеа и во недоумение си зборуваа еден со друг: „Што ли ќе биде ова?“ А други потсмевајќи се велеа: „Се напиле со слатко вино“. Тогаш Петар стана со единаесетте, го подигна гласот свој и им рече: „Луѓе Јудејци, и вие сите што живеете во Ерусалим, знајте го ова и внимавајте на моите зборови: овие луѓе не се пијани, како што мислите вие, зашто е третиот час од денот: но тоа е претскажано преку пророкот Јоил: И ете во последните дни, рече Бог ќе излеам од Мојот Дух на секое тело и ќе пророкуваат синовите ваши и ќерките ваши, и младичите ваши ќе имаат виденија и старците ваши ќе сонуваат соништа; и во тие дни врз слугите Мои ќе излејам од Мојот Дух и тие ќе пророкуваат. И ќе покажам чудеса на небесата и знаци долу на земјата, крв и оган и чад. Сонцето ќе премине во темнина, а месечината во крв, и тоа уште пред да настапи големиот и славен ден Господов. И тогаш секој што ќе го призове името Господово, ќе се спаси.” (Дела 2/1-21)

Со ова се исполниле зборовите на Св. Јован Крстител кој подготвувајќи го народот за доаѓањето на Исус Христос, повикувајќи ги луѓето на покајание и крштевајќи им ги зборувал: „Јас ве крштевам со вода, но Оној што иде по мене е посилен од мене; јас не сум достоен да Му ги понесам ни обувките; он ќе ве крсти со Дух Свети и со оган.“ (Матеј 3/11) Ако во Стариот завет Светиот Дух бил испраќан врз одбрани личности, пророци, во Новиот завет тој според пророкот Јоил требало да биде излеан врз целиот народ. „И ете по тоа ќе излеам од Мојот Дух врз секоја плот…“ (Јоил, 2/28)

Овој празник се смета за роденден на Христовата црква. Имено, пред вознесението Христос им порача на апостолите да останат во Ерусалим и да го чекаат слегувањето на Духот-Утешител.

Се вика и Педесетница не само затоа што се празнува педесет дена по Велигден туку и затоа што настанот се случил точно на еврејскиот празник Педесетница што Евреите го празнувале во спомен на денот кога Господ му ги дал на Мојсие законите во Синајската Гора.

Празникот Педесетница, во народот познат како Духовден, е посветен на настанот на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, на педесеттиот ден по Воскресението Христово, односно на десеттиот ден по Вознесението Христово. За време на Својот земен живот, Спасителот повеќе пати им говорел на Своите ученици за доаѓањето на Утешителот, Духот на вистината, Којшто ќе го разобличи светот заради гревовите на луѓето, Којшто ќе ги научи апостолите на благодатниот пат на вистината и правдата и Кој ќе го прослави Христа.

Пред самото Свое Вознесение, Исус го повторил Своето ветување за праќањето на Утешителот: „Ќе примите cила кога на вас ќе слезе Светиот Дух“. После тие Негови зборови, учениците пребивале заедно и во молитва во исчекување на остварувањето на ова ветување Христово. Слегувањето на Светиот Дух се јавило со шум и над
секој од апостолите се појавил огнен јазик. Тие се исполниле со Светиот Дух и почнале да говорат на различни јазици. Бидејќи сите Свети Таинства во Црквата се случуваат преку Светиот Дух, овој празник се смета за роденден на Црквата.

Духот е критериум за се што се случува во црквата и на општ и на личен план. Во таа смисла, Духот од оној ден во Ерусалим непрестано слегува врз црквата на Литургијата, во молитвите, во сите дела. Тој е оној Дух по кој христијанскиот живот се нарекува духовен.

Денска, пак, не се оди на гробишта, бидејќи е Духовден. Тоа не е празник на мртвите, туку празник на Светиот дух и воспоставување на црквата на земјата.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ