Раѓањето на св. Јован Крстител или пополарно Иванден е еден од големите христијански празници од летниот циклус каде се слави раѓањето на Свети Јован Претеча и Крстител Господов.
Имаме голема македонската народна традиција и овој празник е поврзан со летниот солстициј, односно со периодот на долгодневицата. Овој празник во годишниот круг празници е симетричен на Божиќ, денот поврзан со зимскиот солстициј, односно со периодот на краткодневицата. Овие два празници ги поврзуваат и повеќе обичаи и верувања поврзани пред се со сонцето.
Па така и во таа насока се и обичаите и верувањата поврзани со огновите. Ритуалите со билките, исто така претставуваат еден од најважните елементи поврзани со Иванден, а тие пак исто така се остаток од старите словенски верувања. Со Иванден се поврзани многу обичаи и верувања но најповеќе се однесуваат на билките и верувањето во нивната магиска моќ. Верувањето пак дека тој ден играло сонцето или дека се превртувало три пати е поврзано со тоа што Иванден се паѓа во најтоплиот период од годината.
Шест месеци пред своето јавување на Пресветата Дева Марија во Назарет, великиот архангел Божји Гавриил му се јавил на првосвештеникот Захариј во ерусалимскиот храм.
Пред да го објави чудесното зачнување на безмажната девица, архангелот го објави чудесното зачнување на една бездетна старица. Захарија не поверувал веднаш во зборовите на Божјиот известител и затоа јазикот му се врзал со немост, па останал нем сѐ до осмиот ден по раѓањето на Јован. Тој ден се собрале роднините на Захарија и Елисавета за обрезание на младенецот за да му биде дадено име.
Па кога го прашале таткото кое име би сакал да му го даде на синот, тој бидејќи нем напишал на табличка: Ј о в а н. Јазикот му се одврзал во тој час и тој почнал да говори.
Домот Захариев бил на височината меѓу Витлеем и Хеброн. Гласот дека на Захарија му се јавил ангелот Божји, дека онемел, а потоа му се одврзал јазикот штом го напишал името Јован, се разнесел по сиот Израил. Овој глас стигнал и до Ирод.
Затоа Ирод, кога испратил да се заколат децата во Витлеем, пратил луѓе и во ридското престојувалиште на семејството Захариево, за да го убијат и Јован.
Од обичаите што се изведуваат на овој ден повпечатливи се оние поврзани со растението папрат.
Имено вечерта спроти празникот се бере папрат, а тоа пак е поврзано со верувањето во неговата апотропејска моќ. Папратот се става на постелата и на него се спие за здравје, а рано наутро на самиот ден Иванден се плетат венци што се ставаат во бавчите за да ги чуваат од разни болести, временски непогоди како и други несреќи.