Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Дајанчо Ефтимов, денеска на одржа прес конференција на магистралниот пат од Струмица кон Граничниот премин со Бугарија. Во продолжение интегралниот текст од прес конференцијата:
Магистралниот пат М-6 односно патот кој води од Струмица преку Босилово и Ново Село до Граничниот премин со Република Бугарија е заборавен од власта. Овој пат е заборавен токму од луѓето кои што треба да го направат, а живеат тука во Струмица.
Во Програмата „За живот“, СДСМ ветуваше дека ќе го реконструира овој пат Струмица – Граничен премин, а од животот во Струмица нема ни абер. Пред точно една година министерот за транспорт и директорот на патишта, од тука најавија подготовка на проектна документација, додека за период од пред половина година беше најавен и почеток на реконструкцијата. Затоа денеска прашуваме: Кога патот Струмица – Граничен премин ќе стане Експресен пат?
Струмичката јавност не заборави дека за истиот патен правец се ветуваше коловоз со четири ленти од Струмица до населено место Дабиље – кој е и те како значаен за развојот на стопанството.
Поминуваат две години од мандатот на оваа власт за кои според програмата во патишта треба да се вложат 600 милиони евра, а во патната инфраструктура во регионот нема позначајни инвестиции од оваа Влада, со кои може да се пофали. Реализираа само проекти кои се започнати од претходната власт.
Оваа патна мрежа е важна за развојот на стопанството и трговијата, особено на земјоделието во регионот, затоа што овозможува поврзување со соседните Бугарија и Грција, односно со европскиот Коридор 4.
Оваа Влада на Зоран Заев уште еднаш покажа дека нема намера да инвестира и да гради. Зоран Заев уште еднаш го изневери својот народ, своите сограѓани и не им ги исполни ветувањата.
Затоа, што побрзо си заминат од власта, толку побрзо ќе се спаси народот од неспособноста на оваа Влада на Заев и СДСМ.