На својата официјална фејсбук страница УМС на ВМРО-ДПМНЕ Струмица вчера објавија дека на излезот од Струмица кон Валандово или поточно патот кај седиштето на рудникот Огражден постојано после секој дожд се собира вода. Веднаш потоа Пратеникот од редовите на СДСМ Костадин Костадинов објави дека тој лично ќе се погрижи за проблемот со тоа што ќе купи потопна пумпа. Денеска Костадинов сподели дека пумпата е купена. УМС Струмица го поздравија потегот на Костадин Костадинов и му дадоа нови задачи. И Костадинов и УМС се усогласија дека заедно треба да се работи за доброто на граѓаните во градот и населените места. Во продолжение погледнете ги нивните објави:
Костадин Костадинов:
УМС Струмица вчера реагираа за собирањето на водата на патот кај седиштето на рудникот Огражден.
Добро е сите, без ралика дали вмро-дпмне, СДСМ или неопределени да реагираат кога имаме проблеми, а ние како одговорни политичари треба да решаваме.
Јас им ветив дека ќе ја купам потопната пумпа за да го решиме проблемот со собирањето на вода, денес тоа го завршив.
Само така ќе си ја направиме нашата Струмица поубаво место за живеење.
И ќе повторам, ви стојам на располагање на сите во секое време.
Без да ги политизираме нештата, туку да ги решаваме реалните проблеми кои што ги имало и ќе ги има.
УМС НА ВМРО-ДПМНЕ Струмица:
Почитувани Струмичани,
УМС Струмица успеа да ги размрда социјалдемократите!
По објавата за собирањето на вода на патот кај рудникот Огражден, Пратеникот од редовите на сдсм Костадин Костадинов купи потопна пумпа за да се реши проблемот со собирањето на вода.
Па затоа пратениче, кога веќе почнавме да ги решаваме проблемите да ги решиме и следните проблеми:
– Да се реши проблемот во Турското и Ромското маало во Струмица бидејќи и таму после секој дожд ситуацијата е повеќе од ужасна. Никој во овој град не заслужува да живее во вакви услови!
– Зарем не е премногу за само 15 минути после секој дожд улиците на Струмица да бидат преплавени секогаш? Овде веројатно нема да помогне една пумпа. Редно е локалните власти да го решат овој проблем.
– Деновиве Струмица не наликува на Европски град, туку на депонија. Тоа може да го забележите во фотографиите подолу. Граѓаните редовно плаќат комуналии, а во повеќе наврати за возврат добиват лоша услуга. Секако дека на тоа надлежните би одговориле дека граѓаните се неодговорни, но кантите може да видите дека се полни и не се собираа повеќе отпад во нив.
– Пратениче, убаво е кога се работи…Но да се работи квалитетно. Неодамна во Банско беа санирани повеќе дупки, ден потоа заврна дожд и дупките повторно се отворија.
– Ве замолуваме да апелирате да се забрза изградбата за ветениот средношколски дом во Струмица. Да не го заборавите и ветеното кино за младите!
– УМС исто така ја провери состојбата со каналите особено околу мостовите во градот и во некои од населените места. За жал состојбата е доказ за запуштеноста за која од порано предупредуваме. Уште еднаш апелираме до надлежните за овој проблем!
– Голем дел од плочките на струмичкиот плоштад треба да бидат заменети со нови.
– Пратениче, зарем не е срамно во 21 век младите во Банско да немаат свое игралиште иако им беше ветено? Ете, тие самите си создадоа. Имате фотографии од нивната акција.
– И за крај пратениче, струмичани заслужуваат да дишат чист воздух. Работете на тоа!
Има уште многу што да се пишува. Засега нека се средат овие проблеми. Се согласуваме со вас дека заеднички треба да работиме за доброто на нашиот град Струмица, затоа постојано пишуваме дека УМС Струмица им стои на располагање на надлежните за решавање на било кој проблем во градот.
И да си знаете, победата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде огромна. Граѓаните ќе го казнат секое ваше ветување и секоја ваша лага!