strumica denes logo

Змии, пчели, стршлени – што по каснувањето и како да се заштитиме?

Автор:

Датум:

август 12, 2023

Автор:

Датум:

август 12, 2023

Појавата на инсекти и влечуги не е новина за летото. Изминатиот период граѓаните споделуваа фотографии од змии што го искористиле летното сонце да излезат од своите живеалишта на места што не се карактеристични за нив, па предизвикаа паника. На социјалните мрежи редовно се бараат совети за тоа како да се постапи и по каснување од пчела или стршен. За тоа како да се заштитиме и што е прва помош доколку нѐ касне змија, добиеме убод од пчела или стршен разговаравме со пчелар, биолог и лекар.

Граѓаните, велат стручните лица, треба да бидат особено внимателни за тоа каде се движат и добро е да знаат што да преземат во случај на каснување.
Не толку одамна на Балканот завршија фатално луѓе каснати од пчели и стршни.

Основно правило: Бидете смирени!

Доколку се најдете во близина на рој пчели или стршни најважна е смиреноста, советуваат искусните пчелари. Доколку паничите и мавтате со раце, уште повеќе ги вознемирувате инсектите и тие може да нападнат.

– Важно е да не се паничи, бидејќи инсектите, независно за кој инсект станува збор, нема да нападне доколку сте смирени. Доколку се најдете во ситуација околу вас да има рој пчели, оси или стршни, па дури и да лазат по вас, важно е да останете смирени, да не паничите, да не мрдате и да не мавтате со раце. Така само повеќе ќе ги вознемирите. Сепак, доколку се движите на место на кое постои опасност да бидете нападнати од пчели или стршни, не носете јаки парфеми, бидејќи инсектите ги привлекуваат јаки мириси – вели Илија Стојановски, пчелар.

Во Македонија живеат три вида змии отровници – напаѓаат кога ќе почувствуваат дека се загрозени

Во Македонија, велат биолозите, има 16 вида змии, а само три вида се отровни.

– Една од отровните змии што ги имаме е поскокот, змија што ја има речиси насекаде. Во Скопје во урбаните средини таа не се појавува, меѓутоа ја има во парковите, на Водно, Гази Баба, Скопска Црна Гора. Она што го препорачуваме при посета на овие места е секогаш да се носат високи и дебели чевли, над глуждот. Така, змијата и да се обиде да касне нема да успее, ќе се одбие од чевелот – советува Драган Арсовски, доктор по биолошки науки, член на Македонското еколошко друштво.

Според него, змиите не напаѓаат први. Тие напаѓаат тогаш кога се почувствуваат загрозени.
– Важно е да се знае дека поскоците сами не напаѓаат. Тие напаѓаат во случај да се чувствуваат загрозено, па и во тој случај, чекаат, не напаѓаат први, освен ако посегнеме по нив – рече Арсовски.

Според него, каснувањето од поскок најчесто е безопасно, односно поскоците не секогаш пуштаат доволно количество отров.
– Вообичаено, каснуваат и испуштаат отров во телото на пленот пред да го јадат. Ако немаат потреба од исхрана, немаат ниту потреба од испуштање поголемо количество отров. Секако, сето тоа зависи од тоа колку змијата се чувствува загрозено. Влијанието на отровот врз човекот, доколку биде каснат, исто така зависи од многу фактори – од самиот човек, од змијата, од сезоната. Вообичаено, каснатото место отекува, се случуваат некроза на ткивото, треска, гадење и температура – потенцира експертот.

Арсовски советува доколку се случи каснување од змија да се забележи каква е змијата, па дури, ако постои можност, и да се фотографира, за докторот да знае како да реагира.
– И смоковите касаат, но тие знаат на местото да пуштат малку крв и, вообичаено, на местото на каснувањето се познава каснувањето во облик на потковица, односно рана од загризот на вилицата на смокот. Кај поскоците, доколку каснат, се познаваат две дупчиња од забите на змијата. Кај многумина, при каснување се случува адреналинска реакција, која знае да пројави симптоми на отров, а змијата воопшто да не е отровна или, пак, да не пуштила отров. Доколку во тој случај се земе од серумот, односно од противотровот, може да се случи поголема негативна реакција отколку воопшто да не се земе – вели тој.

Како да се направи правилна прва помош

Д-р Милица Бубало, раководителка на службата за итна медицинска помош при Здравствениот дом – Скопје, објаснува дека при убодот од пчела или стршен не значи дека каснатото лице ќе развие алергија.
– Никој со себе не носи адреналински пенкала кога оди во природа. Тоа им го советуваме на планинарските групи што планинарат. Доколку се случи убод од еден од овие инсекти, важно е лицето веднаш да се напие антихистамин за да се намали алергиската реакција. Да се стави ладно на убодот. Доколку сте во природа, добро е да најдете ладна изворска вода и да ставите ладни облоги за да се намалат отокот и реакцијата. Доколку сте дома, од замрзнувач извадете нешто замрзнато и ставете го на убодот. Потоа, потребно е веднаш лицето да се јави на лекар – вели таа.

Вртете на 194!

Според неа, најкритични се убодите од вратот нагоре, бидејќи и најмалата реакција може да доведе до задушување, односно затворање и отоци на грлото, јазикот и дишните патишта.
– Од стршните реакцијата е појака, но и тоа не значи дека секое лице што ќе биде каснато ќе развие алергиска реакција. И во случај некој да биде каснат од стршен, постапката е иста како и за пчелите и осите – вели таа.

Се консултиравме со д-р Бубало да ни објасни и како треба да се постапи во случај на каснување од змија.
– Екипите на брзата помош имаат противотров во случај да се пријави каснување од змија. Тоа е една од најургентните состојби и доколку се случи каснување, ние сме опремени и подготвени веднаш да дејствуваме. Во таков случај, луѓето вообичаено се јавуваат на 194 и ние веднаш постапуваме според процедурата – вели нашата соговорничка.