Оваа одлука на обвинителството веројатно се темели на недовербата кон нашата Институција и вербата во погрешните информации добиени од страна на мртвопроверителот, односно непрофесионалниот изведен заклучок за причината и начинот на смртта формиран врз основа на надворешен преглед, реагираат од Институтот за судска медицина.
Од Институт за судска медицина денеска стигна жестока реакција за прерано изведениот заклучок дека починатиот Јован Витанов (26) чие тело беше пронајдено во место викано Ораш општина Ново Село, е убиен. Во реакцијата се наведува дека барањето од јавниот обвинител за втора обдукција било неоправдано и непотребно бидејќи и двете обдукции го покажале истото. Но за конечната причина за смртта на младиот струмичанец, ќе се знае дури по стигнување на наодите од токсиколошките анализи. Од судска медицина реагираат и на немањето, како што велат во соопштението, на елементарно познавање од страна на обвинителот и лекарот кои биле на лице место од судска медицина, иако според природата на нивната работа се обврзани да имаат.
„По пронаоѓање на телото на ден 07.06.2022 година околу 19.00 часот бил извршен увид на местото на настанот од страна на службени полициски лица и јавен обвинител од ОЈО Струмица. При увидот телото било прегледано од страна на лекар мртвопроверител. По наредба на јавниот обвинител истата вечер телото е донесено на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија за извршување на судско медицинска обдукција. На 08.06.2022 година во претпладневните часови на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија извршена е судскомедицинска обдукција врз телото на пронајденото починато лице. Обдукцијата е направена по сите светски стандарди од двајца специјалисти по судска медицина. За време на обдукцијата беше земен биолошки материјал за извршување на токсиколошки анализи и изолација на ДНА профил“, се вели во соопштението од Институтот на судска медицина, а во име на стручниот колегиум е потпишан директорот проф.д-р Александар Станков.
„При соопштување на првичните резултати од, за нас непознати причини, јавниот обвинител нареди да се задржи телото на Институтот за да потоа, без никакви консултации со нас, нареди да се направи реобдукција од три вешти лица. На 10.06.2022 година направена е реобдукција од тројца специјалисти по судска медицина. Резултатите од обдукцијата и реобдукцијата се идентични односно нема никакви спротиставени мислења на вештите лица“, се додава.
Понатаму се посочува и дека „оваа одлука на обвинителството веројатно се темели на недовербата кон нашата институција и вербата во погрешните информации добиени од страна на мртвопроверителот, односно непрофесионалниот изведен заклучок за причината и начинот на смртта формиран врз основа на надворешен преглед“.
„И двајцата не се едуцирани, ниту пак имаат знаење да толкуваат повреди и промени особено кога се работи за тело кај кое постојат развиени трулежни промени. Причината наведена во наредбата за реобдукција (неутврдена причина за смрт веднаш по завршување на обдукцијата) покажува дека ОЈО и колегите кои го прегледале телото немаат елементарни познавања од судска медицина, познавања кој треба да ги има секој обвинител за да може да работи на случаи од ваков тип и познавања кој треба да ги има секој лекар за да може да изврши преглед на мртво тело. Особено не ни е јасно како може истата вечер да излезат информации во јавноста дека се работи за убиство пред воопшто да биде започната обдукцијата“, реагираат од судска медицина.
Потсетување што е причина за смрт
„Како потсетување за оние кои не знаат, причина за смрт претставува онаа основна повреда или болест која го иницирала ланецот на промени кои завршуваат со смрт. Во најголем број на случаи причината за смрт се одредува веднаш по завршување на обдукцијата. Во одреден број случаи потребни се дополнителни испитувања и анализи кои ќе помогнат во донесување на заклучокот за причината за смрт. Тие анализи може да потраат подолго време. Затоа обвинителството треба да биде во постојана комуникација со лекарите од Институтот кои се единствени меродавни во давање на причина за смрт и толкување на промени на тело особено кај тела кои се со развиени трулежни промени. Кога ќе се дојде до причината за смрт тогаш обвинителството врз основа на сите собрани информации донесува одлука за начинот за смрт, односно ако се работи за насилна смрт дали е убиство, самоубиство или несреќен случај“, се вели во подолгото објаснување.
Преран заклучок за начинот за смрт
„Во конкретниот случај, врз основа на погрешно толкување на промени на телото од покојниот донесен е преран заклучок во врска со начинот за смрт пред воопшто да се добијат информации од наодот од обдукцијата било за причината за смрт или пак токсиколошките наоди. На Институтот за судска медицина во тек се токсиколошките испитувања на земениот биолошки материјал. Штом ги добиеме резултатите од токсиколошките испитувања надлежниот обвинител ќе биде известен за причината за смрт“, се вели во реакцијата.
Љубица Балабан