Здравство со нова кампања: Свеста за вакцинирање ќе се подигнува „од врата на врата“

април 26, 2023

Од врата на врата. Вака над 30 тимови на лекари и медицинари нудат имунизација за невакцинираните деца чии родители во наредните пет недели ќе можат да закажат термин за вакцина и во удобноста на својот дом да добијат одговори на сите прашања поврзани со вакцините од стручни лица. Акцијата која е во рамките на кампањата на Министерството за здравство за промовирање на вакцинација, а по повод одбележувањето на Европската недела на имунизација, треба да опфати 120 населени места во 20 општини, каде што е регистриран понизок опфат на вакцинирани деца, како и вакцинација против Ковид. Планот е во акцијата што ќе трае до крај на мај да се посетат над 2.900 семејства.

Да се вакцинираат веднаш, на лице место ќе можат само возрасните над 60 години и тоа со поливалентна вакцина против Ковид-19 како бустер доза.

Инаку, според новиот глобален извештај на УНИЦЕФ, во кој се опфатени 55 земји од светот, Македонија се наоѓа на врвот по бројот на невакцинирани деца во Европа. Анализата вели дека перцепцијата на јавноста за важноста од рутинската вакцинација на децата е намалена во земјава од почетокот на пандемијата на ковид-19.

Врз основа на податоци од 2021 година, пак, земјава го дели второто место со Киргистан и Босна и Херцеговина на негативната ранг листа на земји, според бројот на деца со „нула дози“, односно кои немаат примено ниту една вакцина.. Овој процент според извештајот изнесува 11 отсто и се однесува на бебињата под една година, што е најнизок во Европа и централна Азија.

 

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ