Општина Василево започна со реализација на нов значаен проект во населеното место Градошорци – реконструкција и модернизација на Домот на културата, објект кој со години претставува важен центар на заедништвото и културниот живот на жителите.
Според информациите од градоначалникот Славе Андонов, Домот на културата ќе добие целосно нов, современ изглед, а реконструкцијата опфаќа повеќе сегменти: целосна санација на кровната конструкција, поставување нова современа фасада, инсталирање фотоволтаици, хортикултурно уредување на просторот околу објектот, набавка на современа аудио техничка опрема, како и уредување спомен-соба посветена на Мис Стон.
Од локалната самоуправа посочуваат дека проектот не е само градежна интервенција, туку инвестиција во културата, историјата и иднината на Градошорци, со цел да се создадат подобри услови за настани, манифестации и активности за сите генерации.
Дополнително се нагласува дека Општина Василево е меѓу малкуте општини во државата чиј проект е препознаен и поддржан со финансиски средства од Европската Унија, преку програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија.
Од Општината најавуваат дека ќе продолжат со одговорен пристап и јасна визија за развој на секое населено место на својата територија.
























