strumica denes logo

ЗАПОЧНА ПРОЕКТ ЗА ЗАШТИТА НА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО ВО МОКРИНО – ЌЕ СЕ ОБНОВУВА ЅИДНОТО СЛИКАРСТВО ВО ЦРКВАТА „СВ. КОНСТАНТИН И ЕЛЕНА“

Автор:

Датум:

април 17, 2026

Автор:

Датум:

април 17, 2026

НУ Завод за заштита на спомениците на култура и Музеј – Струмица информира дека денес во селото Мокрино беше означен почетокот на значаен проект за заштита на културното наследство.

Во присуство на министерот за култура и туризам Зоран Љутков и градоначалникот на Општина Ново Село, Ѓорги Божинов, беше најавен стартот на конзерваторско-реставраторските зафати на ѕидното сликарство во црквата „Св. Константин и Елена“.

Станува збор за едно од најстарите и најзначајни духовни и културни обележја во струмичкиот регион, изградено во 1870 година, кое претставува значајно сведоштво за богатата традиција и културниот идентитет на овој простор.

За реализација на проектот се обезбедени над 2 милиони денари преку унгарската кредитна линија, наменети за Општина Ново Село, а активностите се очекува да започнат веќе следната недела.

Носител на проектот е НУ Завод за заштита на спомениците на култура и Музеј – Струмица, додека во реализацијата ќе бидат вклучени и стручни лица од Националниот конзерваторски центар од Скопје.

Со овој проект се прави значаен исчекор во зачувувањето, заштитата и афирмацијата на културното наследство на Општина Ново Село, со јасна определба за континуирани вложувања во културата и грижата за вредностите кои се оставаат на идните генерации.

На крајот од денешната агенда, беше упатена искрена благодарност до Викарниот Епископ стобиски г. Јаков за срдечното гостопримство и братската љубов укажани во Манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во Ново Село.

Неговата посветеност, духовна грижа и отвореност беа истакнати како пример за негување на верата и зацврстување на заедништвото.