Последниот попис покажа дека во Македонија бројот на жени е нешто поголем од бројот на мажи.
Според Пописот на населението, домаќинствата и становите, 2021, во Македонија живеат 1.836.713 жители, a oд нив, 50.4 oтсто се жени, а 49.6 отсто се мажи. Има региони во државата каде бројот на жени и мажи е речиси изедначен, а во Скопскиот регион, разликата е поголема во полза на жените.
Во светски рамки, на земјите им е важна балансираната полова структура на населението за да се одржува наталитетот, но и да се задоволат потребите за работна сила во многу индустрии. Демографот Дончо Герасимовски вели дека состојбата која ја покажа пописот е поволна за земјата од повеќе аспекти.
„Соодносот меѓу мажите и жените е речиси 50-50, што ги задоволува различните аспекти за функционирањето на државата. Припадници од женски пол треба да има во администрацијата и со бројките тој критериум можеме да го задоволиме. Но, не е само администрацијата, и за во другите сектори, бројките за полова застапеност одговараат. Во светот има и држави каде има по 10, 15 па и 20 отсто отстапувања во половата структура на населението“, рече Герасимовски.
Според показателот за бројот на мажи на 100 жени, во Пописот 2021 за првпат по Пописот во 1948 година се забележува поголемо учество на жените во однос на мажите, т.е. бројот на мажи на 100 жени изнесува 98.4 мажи на 100 жени, т.е. жените се за 1.6 отсто повеќе од мажите.
Состојбата по возрасни групи е следна: во возрасната група од 0 до 14 години, бројот на мажите е за 6.7 отсто поголем од бројот на жените, во возрасната група од 15 до 64 години, бројот на мажите е само за 0.7 отсто поголем од бројот на жените, а во возрасната група од 65 и повеќе години, бројот на жените е за 16.8 отсто поголем од бројот на мажите.
Неколку земји во светот имаат поголем процент на жени отколку мажи во своето население. Џибути, Хонг Конг и Литванија се држави каде што жените значително ги надминуваат мажите по бројноста. Ова често се должи на комбинација од фактори, вклучувајќи ја емиграцијата на мажите за работа, повисоките стапки на смртност кај мажите, па дури и војни во минатото. Во Русија и Белорусија бројката на жени ја надминува бројката на мажите. Слична е ситуацијата и во Непал.
Kатар, Обединетите Арапски Емирати(ОАЕ), Малдиви, Оман и Бахреин имаат повеќе мажи од жени, а ова често се должи на фактори како што е доминантната машка имиграција за работа, особено во градежниот и услужниот сектор.