strumica denes logo

За десетина дена професионалните возачи ќе ги добијат патните документи!

Автор:

Датум:

март 1, 2024

Автор:

Датум:

март 1, 2024

Превозниците на стока од Струмица, Валандово, Дојран, Богданци и Гевгелија, здружени во асоцијацијата „Макам-транс“, на средбата во Струмица со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, посочија на проблемите со кои најмногу се соочуваат во последниот период. Од страна на управителот на асоцијацијата Сања Милошевска беа посочени барањата за помош и поддршка од страна на ресорното Министерство за транспорт и врски во врска со приоритетот за издавање на патни исправи.

– Листите на транспортери и превозници со важечки сертификати за професионални возачи веќе се доставени до МВР и очекувам за десетина дена да бидат издадени нивните патни документи како што договоривме претходно. Во следниот период заедно со здруженијата започнуваме со работа за промена на уредбата за распределба на меѓународните дозволи, продолжуваме да ја развиваме транспортната дејност и да обезбедуваме подобри услови за работа на домашните транспортери – истакна Бочварски.

Од „Макам-транс“ потврдија дека првите списоци се предадени во Министерство за транспорт и врски и се чека да се достават до МВР на обработка, но се побара поддршка и за возачките дозволи поради проблемот кој се појави во Бугарија и непризнавање на меѓународни дозволи, иако на нив е напишано новото име на државата и се користат на територија на друга држава како официјален документ.

Беше побарано да се достави иницијатива од страна на Министерството до Владата за утврдување на можност за плаќање на износ на име дневници за професионални возачи (како признаен трошок) во износ од 100% на определените вредности во Уредбата за издатоците за службени патувања и селидба во странство што на органите на државната управа им се признаваат тековни трошоци.

Исто така, од „Макам-транс“ бараат зголемување на квота, односно посебно одредување на квота за вработување на странски државјани во својство на професионални возачи и примена на одредбите од Отворен Балкан за миграција на работа сила од една во друга држава.

Упатуваат и барање за одложување на примена на пресметка на ДДВ за извршени превози согласно седиште на корисникот (член 14 од ЗДДВ) – директива од ЕУ која се однесува на условите кои се воспоставени во ЕУ државите каде што постојат потпишани Договори за каботажа, а каде што Македонија има Билатерални спогодби во кои најстрого е забрането вршење на каботажа.

Побарано е укинување на работни визи за Швајцарија или олеснување на процедура за добивање работна виза за професионални возачи.

– Беше пратена порака и за активна борба на сите учесници во превозот за давање/барање на мито, каде што Сања Милошевска ја посочи алатката која Асоцијација Макам-транс ја има изработено за анонимно пријавување на корупција на домашниот транспортен пазар, но и во други држави. Со цел алатката да можат да ја користат и странски превозници Макам-транс со проектот „Активност за јакнење на деловниот екосистем“ финансиран од УСАИД, а спроведуван од Консалтинг за стратешки развој овозможува податоците да се читаат и пишуваат и на англиски, албански и српско-хрватски јазик – нагласуваат од „Макам-транс“.