И покрај снежните врнежи, во Струмица повторно се забележува слаб квалитет на воздухот, што предизвикува загриженост кај граѓаните за сопственото здравје и за здравјето на најблиските.
Поради состојбата, градоначалникот на општина Струмица, Петар Јанков, во својот кабинет организираше консултативна средба со претставници на Министерството за внатрешни работи, Државниот пазарен инспекторат, инспектори за земјоделие и општински инспектори. На средбата се разговараше за конкретни чекори што треба итно да се преземат со цел прецизно лоцирање на изворите на загадување и навремено санкционирање на сите утврдени прекршувања.
Од Општина Струмица посочуваат дека, покрај контролите и казнените мерки, клучно е да се работи и на трајни и одржливи решенија кои ќе придонесат за почист воздух и повисок квалитет на живот. Воедно, се нагласува дека справувањето со загадувањето не е еднократна активност, туку заедничка обврска која бара координација, одговорност и континуирана посветеност од сите надлежни институции и од заедницата.
























