Во Струмица ќе се гради патека за трки од Светскиот Шампионат во Мотокрос!

февруари 20, 2019

По активната соработка и направените прeлиминарни подготовки за изградба на патека за одржување на Мотокрос натпревари од највисок ранг, во Струмица беше официјално потпишан Меморандум за соработка помеѓу Општина Струмица и Мотоциклистичката Федерација на Македонија-пишуваат motori.com.mk.

Договорот го потпишаа Градоначалникот на Општина Струмица Коста Јаневски и Претседателот на Мотоциклистичката Федерација на Македонија Зоран Трајковски. Потпишувањето на овој меморандум е потврда за активната работа на двете институции во насока на поставување на државата на мапата држави организатори на натпревари од Светскиот Шампионат во Мотокрос (MXGP). Тоа е од огромно значење за промоција на нашата држава како и за развојот на мотоциклизмот. Успешната реализација ќе ја постави Струмица и Македонија како нов центар на светската мапа за тренинг и врвни мотокрос натпревари.

Паралелно со потпишувањето на договорот направени се и првичните преговори со господинот Freddy Verherstraeten, кој беше гостин на Мотоциклистичката Федерација на Македонија и е човек кој ги има изработено 80% од патеките на кои се одржува Светскиот Шампионат во Мотокрос (MXGP). Господинот Freddy Verherstraeten имаше можност да го погледне теренот каде што е предвидено да биде изградена патеката и во текот на самата посета беа направени прелиминарни скици и планови за нејзиниот изглед-стои во објавата на motori.com.mk.

Дополнително во насока на организацијата на натпреварот кој е предвиден за сезоната 2020, во Женева на Конференциската недела на на Светската МотоФедерација ФИМ на која присуствуваше Благоја Петровски како член на комисија за Јавни Работи на ФИМ, беа направени разговори со фирмата промотор на MXGP за плановите и намерата Македонија да биде организатор на натпревар во 2020 година.

Со сите споменати активности очекуваме да ја добиеме можноста и успешно да организираме натпревар во рамките на Светскиот Шампионат во Мотокрос (MXGP) во 2020.

ИЗВОР: MOTORI.COM.MK

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: