Во Србија храната поевтинува, а во Македонија поскапува!

септември 11, 2023

Српските граѓани од среда ќе може да купат 20 основни животни производи по многу пониски цени, македонските власти сè уште работат на новиот пакет антикризни мерки.

Во македонија пак храната и натаму само поскапува. Инфлацијата во август била 8,3 отсто, а на храната уште повисока. Граѓаните се жалат дека едвај врзуваат крај со крај. Државната статистика покажува дека тие купуваат за 13 отсто помалку прехранбени производи од лани. Упростено кажано, ако лани купувале 7 килограми месо, оваа година купуваат еден килограм помалку.

Организацијата на потрошувачи бара замрзнување на цените.

„Не мерки од типот на намалување на маржите како што беше претходно, бидејќи тоа не даде голем резултат, туку мерки во смисла намалување на цените и замрзнување на цените на основните животни продукти со цел да се намали инфлацијата и граѓаните да ја преживеат претстојната зима којашто навистина ќе биде тешка. Имаме предвид дека сега децата почнаа на училиште, ќе има потреба од греење, значи барем овие основни животни продукти, за да можат да преживеат граѓаните, да бидат намалени и цените да бидат замрзнати“, вели Татјана Тасевска од Организацијата на потрошувачи на Македонија.

Тасевска вели дека се потребни построги контроли за да нема големо поскапувања кога цените ќе се одмрзнат.

„Сметаме дека сега се премногу високи и дека се остваруваат профити и на бизнис секторот. Мислам дека треба да се направи согледување и да се замрзнат цените на ниво коешто нема да го уништи бизнисот, но ќе бидат поволни за граѓаните“, вели таа.

Српските власти најави дека 20 основни животни производи од среда ќе се продаваат по 20 до 40 отсто пониски цени, како мерка за справување со инфлацијата. Пониски цени ќе има за салама, јогурт, млеко, тестенини, компири, сок, зачини, кафе, шампон за бебиња, детергент за садови…

Владата смета дека цените неоправдано растат и обвинува дека трговците прават огромни профити на сметка на граѓаните, но не презема мерки против тоа. Министерот за финансии Фатмир Бесими најави дополнителни 74 милиони евра во буџетот за деветтиот пакет антикризни мерки, но мерките сè уште не се соопштуваат.

„Владата работи на 9-тиот пакет антикризни мерки со кој дополнително ќе се оди со таргетирани мерки до крајот на годината за поддршка на најранливите категории“, вели Фатмир Бесими, министер за финансии .

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ