Во Europe House Струмица се реализираше панел дискусија за образованието на децата со аутизам со учество на дипломатски претставници!

јуни 3, 2023

На ден 31 мај 2023 година, во просториите на Europe House Strumica, се реализираше панел дискусија посветена на образовниот процес на децата со аутизам. Панелот беше реализиран во организација на Europe House Strumica и Демократски Институт за Општествени и Политички Анализи Струмица, а поддржан и од Радио Марија Струмица, Тимот А Скопје и Едупрактика Струмица.

Панелистите имаа можност да слушнат мислења и да дискутираат со г-динHarald Fugger, Аташе за труд и социјала и заштита на потрошувачите во Амбасадата на Република Австрија во Скопје, како и со г-ѓа Билјана Ангелова, сопруга на Амбасадорот на Република Бугарија во Скопје.
Панелисти на настанот беа г-дин Спасе Додевски, г-ѓица Стефанија Трајческа и г-ѓа Билјана Ефтимова Јовева, а на панелот се обратија и родители, директорката на болницата во Струмица д-р Катерина Кузмановска, директорката на ООУ Сандо Масев Струмица, Драгица Спасова, како и специјални едукатори и рехабилитатори присутни на панелот.

Г-динот Fuggerво своето излагање ја посочи важноста на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, важноста на раната детекција на аутизам, важноста на оспособувањето на лицата со аутизам за самостоен живот, потребата за размена на научени лекции и др.

Г-ѓа Билјана Ангеловаја истакна важноста на родителите за процесот на ефективно образование, суштинската потреба за инклузивност во образованието и потребата образованието да создаде самостојни лица од децата со аутизам. Дополнително, Ангелова јанагласи важноста на емпатијата и промоција на инклузијата уште од најрана возраст за постигнување инклузивно општество.

Г-дин Спасе Додевски дискутираше за новата стратегија за лица со попреченост која се очекува да биде одобрена следните месеци. Тој ги објасни промените во системот на поддршка на лица со попреченост во последните години и посочи кои се планираните промени за поддршка на лицата со попреченост во средно образование и за возрасните лица со попреченост. Во однос на социјалните услуги во Струмица, Додевски истакна за позитивните промени кои ги носат Центарот за дневен престој наменет за корисници до 14 годишна возраст. Дополнително, беше објаснето дека за користење на услугите на Центарот за дневен престој потребна е препорака од Стручното тело за Функционална проценка (МКФ)-Струмица, преку проценка на однапред закажан термин и дека после проценката Решение за право на користење на услугите донесува Центарот за социјална работа – Струмица.

Г-ѓа Билјана Ефтимова Јовева ја објасни состојбата во основното образование, во контекст на промените со воведување образовни асистенти за учениците со попреченост, со што е овозможена инклузија на децата со попреченост во образовниот процес. Г-ѓа Ефтимова Јовева посочи дека е клучна соработката на родителите со стручните лица во училиштата и координација на образовните активности во училиштето со активностите на родителите со нивните деца во нивниот дом. Исто така, беше објаснето дека е потребно училиштата да имаат специјализирана опрема и простории за работа со децата со попреченост, како и обука за работа со деца со попреченост на целиот наставен кадар.

Г-ѓица Трајческа дискутираше за научените лекции во работата на Тимот А Центар за рана интервенција и стимулација на деца и возрасни Скопје. Таа ја објасни важност да се има потполна координација во работата на специјалните едукатори и рехабилитатори со родителите. Тааистакна дека времето на специјалните едукатори и рехабилитатори поминато во индивидуална работа со децата со попреченост не е доволно доколку и родителот не работи во иста насока и не го прилагоди своето однесување. Дополнително, беше посочено дека недостаток на квалитетна комуникација помеѓу родител и дете поради долготрајно користење дигитални уреди од страна на децата делува негативно за развој на детето.

Присутните родители поставија прашања поврзани со постоење регистар на лица со попреченост, ефикасноста на инклузијата на децата со аутизам во образовниот процес, методи кои се користат од страна на Тимот А, како и за начинот на координацијата помеѓу Министерствата за труд и социјала, Министерството за здравство и Министерството за образование.
Во дискусијата се вклучија и дел од присутните гости. Директорката на струмичката болница, Катерина Кузмановскакоја ги објасни предизвиците на кои наидуваат педијатрите во нивната комуникација со родителите, кои се соочуваат со предизвикот на прифаќање на фактот дека нивното дете има аутизам, како и со предизвиците поради недостаток на педијатри.Директорката на ООУ Сандо Масев, Драгица Спасова, како свој совет кон родителите и останатите даде фокус на потребата од инклузивност истакнувајќи дека е од суштинска важност општеството да ги прифати децата со попреченост и истите да се вклучени и прифатени бидејќи само на таков начинможе да се овозможи квалитетно детство и квалитетно образование на децата со аутизам.

На прашање на родители, Г-дин Додевски објасни дека согласно подготвената стратегија која е во завршна фаза на одобрување се предвидува создавање регистар на лицата со попреченост, дека стратегијата е потполно усогласена со Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост и дека истата ќе донесе сеопфатни подобрувања во сите сфери на општествениот живот. Посебно истакна дека родителите не треба да се фокусираат на прецизни дијагнози туку на прецизни и навремени проценки на функционалноста на децата.

Г-ѓицаТрајческа објасни на родителите дека нејзиниот центар користи мноштво современи методи за работа, но дека клучно е постојано реално следење на функционалната способност на децата со целприлагодување на методите на работа за да се постигне континуиран напредок.

На крај на панелот беше посочено дека образованието на децата со аутизам не е тема која завршува и дека за подобрување е клучна соработка на сите вклучени. На крај на панелот и официјалниот дел,присутните разменија контакт информации и дополнително разменија свои искуства и ставови.

Извор:Здружение ДЕМОКРАТСКИ ИНСТИТУТ ЗА ОПШТЕСТВЕНИ И ПОЛИТИЧКИ АНАЛИЗИ Струмица

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ