strumica denes logo

ВО ЧЕТВРТОК ПРОМОЦИЈА НА МОНОГРАФИЈА И ИЗЛОЖБА НА Д-Р ДУШКО ЦВЕТАНОВ – СРЕДНОВЕКОВНИТЕ ТВРДИНИ ПРЕКУ ПЕРСПЕКТИВАТА НА ВРЕМЕТО!

Автор:

Датум:

октомври 6, 2025

Автор:

Датум:

октомври 6, 2025

Во четврток, на 9 октомври, со почеток во 19:00 часот, во Градската уметничка галерија во Струмица, јавноста ќе има можност да присуствува на значаен културно-научен настан – промоција на монографијата „Средновековни тврдини во југоисточниот регион на Република Македонија (11–14 век): функција, значење и временски рамки“, чиј автор е археологот д-р Душко Цветанов.

Настанот ќе биде збогатен и со изложба на банери, на кои ќе бидат прикажани највпечатливите средновековни споменици на културата од југоисточниот регион, овозможувајќи им на посетителите визуелен и едукативен увид во богатото културно наследство.

Промотор на ова значајно научно дело ќе биде проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс, еден од водечките истражувачи во областа на археологијата.

ЗНАЧЕЊЕТО НА МОНОГРАФИЈАТА

Монографијата претставува резултат на повеќегодишно истражување и теренска работа на д-р Цветанов, во кое се анализираат улогата и континуитетот на тврдините од 11 до 14 век, нивната стратегиска и културна важност, како и врските со пошироките историски процеси во регионот. Делото дава нови согледувања за развојот на средновековните заедници и нивниот однос кон просторот, што ја прави оваа книга вреден придонес во националната археолошка и историска наука.

ЗА АВТОРОТ

Д-р Душко Цветанов е роден во Струмица во 1987 година. Основното и средното образование ги завршува во родниот град, по што продолжува на студии по археологија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, каде ги завршува и втор циклус и докторските студии. Во 2018 година ја одбранува докторската дисертација на тема која претставува основа на неговата монографија, под менторство на проф. д-р Елица Манева.

Од 2015 година, д-р Цветанов е дел од стручниот тим на НУ Завод и Музеј – Струмица, каде активно учествува во археолошки истражувања, конзерваторски проекти и музејски изложби. Неговото истражувачко поле опфаќа средновековна археологија, архитектонско наследство и заштита на културните добра.

Досега има објавено над 30 научни и стручни трудови во домашни и меѓународни списанија, а е и редовен учесник на повеќе од 20 научни конференции во земјата и странство.

Настанот е можност за струмичката јавност да се запознае со едно од најобемните истражувања на средновековните тврдини во југоисточниот регион, но и да се оддаде признание на еден млад и посветен археолог, чија работа придонесува за зачувување и промоција на културното наследство на Македонија.