Внимателно на годишниот одмор во Грција, има масовна појава на кражби!

јули 17, 2023

Алармантни вести допреа до редакцијата на Нова Македонија од повеќе наши редовни читатели. Тие нè упатија и за дополнителни информации од социјалните мрежи и сведоштва од српски државјани, особено на групите што се однесуваат на Грција и летувањето таму. Според сведочењето на дел од туристите, во повеќе области каде што Македонците најчесто се решаваат да заминат на годишен одмор е забележана појава на тешки и провални кражби, што ги става годишноодморците во исклучително непријатна ситуација.

Организирани криминални групи специјализирани за кражби на моторни возила

Според непосредни информации на оние што веќе летувале во соседна Грција, криминалот е до тој степен зголемен, што, освен што се крадат автомобили и се обиваат возила, крадци влегуваат и во изнајмените апартмани, дури имаме сведочење за провални кражби во апартмани додека туристите внатре спијат, а евидентирани се и случаи на „улични уметници крадци“. Сите тие, според сведоштвата, имаат добро разработен систем за тоа како да ја реализираат својата криминална активност, дури и при обична прошетка на улица.

Со овој проблем особено се занимаваат и медиумите во соседна Србија, бидејќи со непријатното искуство веќе се соочиле извесен број српски туристи, кои сведочат што им се случило. Притоа се наведуваат примери на украдени автомобили, но и на оштетени возила од кои се украдени вредни предмети, додека тие биле уредно паркирани во туристичките места или, пак, во Солун, на враќање кон дома.

Српскиот весник „Блиц“, повикувајќи се на разговор со локални жители во грчките туристички места, неофицијално дознава дека најверојатно се работи за автомобилска мафија од Бугарија, која во летните месеци дејствува во Грција. Засега нема официјална потврда на ова тврдење.

Истовремено, на социјалните мрежи се појавуваат сè повеќе апели со фотографии од украдените автомобили, со надеж дека некој ќе ги препознае и ќе им помогне на сопствениците да си ги вратат назад.

Една таква група каде што членуваат претежно Срби, но има и голем број Македонци насловена „Во живо од Грција“, е од огромна помош за луѓето што заминуваат на одмор. Освен што во оваа група споделуваат искуства за тоа каде е најдобро да се летува и што да се посети, токму во оваа група се споделени сите случаи на украдени и ограбени возила.

Еден случај привлече особено внимание, кога семејство од Србија со две малолетни деца го паркирало возилото пред трговски центар во Солун, од каде што возилото мистериозно исчезнало.

Според сведоштвата на жената, токму во оваа група, случајот веднаш го пријавиле во полиција, но сѐ уште немаат никакви информации за автомобилот.
– Среќа што со нас ги имавме пасошите, па со комбе си заминавме за Србија – напиша таа.

За жал, ова не е единствен случај. Друго сведоштво вели дека возило на едно семејство било украдено пред куќата каде што биле сместени во Пефкохори, на Халкидики.

Освен што автомафијата маестрално се усовршила за крадење цели возила, добро се остручила и за провала во автомобили, од каде што доколку сопствениците имаат оставено вредни предмети ги крадат нив, причинувајќи големи штети на возилата.

Корисни совети од искусни полициски инспектори, во контекст на превенирање кражби

Треба да се обележат и информациите што се споделуваат, всушност совети за сите оние што доаѓаат на годишен одмор, да знаат што ги очекува и како да го избегнат најлошото – да останат без својот автомобил.

– Во текот на летната сезона, Солун и неговата околина, а особено полуостровот Халкидики, особено Касандра и Синтонија, стануваат опасна зона за оние што имаат автомобили од повисока средна и висока класа. Очигледно е дека има добро организирани банди, кои имаат добро воспоставени маршрути за брзо преместување на украдените автомобили надвор од Грција. Да не заборавиме дека има три граници во близината, па можно е кога автомобилот ќе ви го снема, тој веќе да ја напуштил Грција – се вели во упатството до туристите.

ИЗВОР: НОВА МАКЕДОНИЈА

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ