Владата на предлог на Министерството за економија донесе неколку одлуки и допрецизирања со кои се заштитува животниот стандард на граѓаните. Донeсена е Одлука за намалување на увозните давачки за увоз на свежи домати, краставици и пиперки.
Со оваа одлука, како што се појаснува во денешното соопштение, се предлага времено намалување на увозните давачки – царинските стапки и посебните давачки при увоз на свеж или разладен домат, краставици и слатки и лути пиперки. Целта е намалување на цените на овие производи.
-Стоките, согласно оваа одлука, е предвидено да се увезуваат од 1 декември 2023 година до 28 февруари 2024 година, а одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
Владата донела и одлука за намалување на увозните давачки за увоз на свеж зеленчук, со која се прецизира за кои видови свеж зеленчук се намалуваат увозните давачки – царинските стапки и посебните давачки. Тоа се: кромид, моркови, репка, модар патлиџан, тиквички, праз, карфиол и брокула, зеленчук за салата, главичеста салата и друга салата (освен зелена салата).
Стоките, согласно оваа одлука, е предвидено да се увезуваат заклучно со 28 февруари 2024 година, а одлуката влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
Донесена е и одлука за изменување на одлуката за посебните услови за трговија на одделни стоки, определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало, како и обврска на трговците да прибавуваат и продаваат одделни видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед.
– Со измените е овозможено, со посебна одлука, да се пропише највисока трговска (профитна) маржа за овошјето и зеленчукот, којашто се ограничува во вкупен износ до 10 проценти во трговијата на големо и во вкупен износ до 15 проценти во трговијата на мало. А денешната одлука е и во насока на измена на референтната цена на белиот ориз во пакување од 900 грама до еден килограм и свежи јајца од кокошка, при што како референтна цена се утврдува цената на 15 септември 2023 година, наместо 1 август 2023 година. Одлуката влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а е предвидено да се применува до 30 ноември 2023 година, прецизираат од Владата.
На седницата донeсена е и одлука за укинување на увозните давачки за увоз на агруми, свежи или сушени. Со одлуката се укинуваат увозните давачки – царинските стапки и посебните давачки за: лимони, портокали, мандарини, грејпфрут, при што е зголемена квотата на два тона јужно овошје, кое времено ќе се увезува без царински давачки. Целта и со оваа одлука е намалување на цените на овие производи. Количината на овие производи е предвидено да се распределува на регистрираните увозници на овошје по принципот „прв дојден прв услужен“, а стоките согласно оваа одлука е предвидено да се увезуваат заклучно со 31 декември годинава. Одлуката влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
На предлог на Министерството за финансии, донесена е нова одлука за определување на добрата и услугите што подлежат на повластена стапка на данокот на додадена вредност.
Со оваа одлука поблиску се определуваат добрата и услугите коишто подлежат на повластена стапка на данокот на додадена вредност. Односно, ако претходно за сите производи на листата производи се применуваше иста повластена стапка, сега е предвидена најниска повластена стапка на ДДВ за основните прехранбени производи.
– Повластената стапка на данокот на додадена вредност значи и натаму ќе се применува врз прометот и увозот на повеќе видови месо: говедско, свинско, овчо (свежо, разладено, замрзнато); повеќе видови месни производи; риби (живо, свежи, разладени, замрзани); леб, шеќер, сол, масло од сончоглед и некои други масла за јадење, млеко и павлака, јогурт, кисело млеко, сирење, урда, путер, маргарин, како и компир и повеќе видови зеленчук (неварен, варен, сушен) и овошје (свежо, неварено, варено, замрзнато), јатчесто овошје. Со одлуката се опфатени и семиња за сеидба и ѓубрива, соопштија од Владата.
Со денешната владина одлука, листата на производи што подлежат на повластена стапка на ДДВ е дополнета и со електронски/дигитални учебници и пелети.
Оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”.