Владата ќе дозволи плата во кеш со платени придонеси, законот наскоро во Собрание!

февруари 7, 2024

Владата очекува, според донесената програма за 2024, уште овој месец пред Собрание да се најде Предлог Законот за работно ангажирање на лица за вршење работи од привремена и повремена природа за одредени дејности во поедноставена постапка, со кој работниците ќе може да добиваат плата во кеш, но да им бидат платени придонесите.

Куќни помошнички, бебиситерки, аргати, мајстори, келнери, хостеси и сите оние кои работат хонорарно ќе треба да им се плати придонес за пензиско осигурување и персонален данок.

За Владата ова ќе значи „обезбедување забрзан, одржлив и инклузивен економски раст, повисок животен стандард и квалитет на живот на граѓаните“, а според очекувањата што се наведени во програмата, донесувањето на овој предлог закон ќе влијае на „намалување на неформалната економија во детектираните сектори од стопанството“

„Целта на предложената иницијатива е формализирање на неформалната работа и намалување на непријавената работа во конкретни дејности и сектори од стопанството, во кои е утврдено дека постои голема инциденца на неформална работа, а особено во земјоделството, шумарството, рибарството, туризмот и угостителството и дејности на домаќинството, кога истото се појавува во улога на работодавач, како и во градежништво.

Предмет на законското решение е уредувањето на условите и начинот на работното ангажирање на лица за вршење на работи од повремена и привремена природа за одредени дејности во поедноставена постапка, правата и обврските на ангажираното лице и работодавачот, начинот и постапката на пријавување на ангажираните лица, како и плаќање и пресметка на придонесите и данокот но и уредување на работното ангажирање на лица за вршење на работи од сезонска, привремена и повремена природа во поедноставена постапка“, пишува во програмата за предложениот закон на Министерството за труд и социјална политика, а кој сеуште не е објавен никаде.

Со него на мала врата се враќа плаќањето во кеш и даночење на надоместокот за работниците кои се ангажираат во домаќинствата, но и дејности во кои се ангажираат сезонски работници – земјоделството, објекти за сместување и подготовка на храна и во градежништвото.

Со законот се овозможува да се вработува по потреба и со можност да се плаќаат дневно и на крајот на ангажманот. Најдолг период на ангажирање на овие работници може да биде до 6 месеци, а работодавачите ќе можат нивните дневници да ги платат на трансакциска или во кеш, со тоа што ќе платат придонес за пензиско и инвалидско осигурување и данок на доход во најмал износ колку што е основицата на минимална плата и во највисок износ од 126.000 денари (2.000 евра) месечно колку што е дозволениот лимит за плаќање во кеш. Дополнително, доколку работникот добие професионално заболување или се повреди на работното место работодавачот ќе го плати и придонесот за здравственото осигурување.

Паричниот надоместок може да се исплати на крајот на работниот ден или најдоцна 5 дена по истекот на работниот ангажман, на трансакциска сметка или во готово со потврда потпишана од работодавачот и од работникот.

Реакцијата која дојде од претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Слободан Трендафилов е тоа дека е недозволиво во земја кандидат за членство во Европската Унија да се формализира неформалната економија.
Според Трендафилов, поразително е да се предлага закон со кој ќе се елиминира Законот за работни односи. Со ваквото законско решение, како што посочи, работниците стануваат модерни робови на кои ќе им се плаќаат придонеси од околу 290 денари дневно, а работодавачот ќе ги ангажира и отпушта кога сака.

– Сакаат да дадат едно решение годишно, а сега ќе ги вработуваат на дневна основа. Патем тие работници нема да имаат договор за вработување, немаат да знаат што со нивната егзистенција, нема да можат да подигнат кредит, нема да имаат никаква гаранција за нивното семејство. Ако законот се применува на таков начин, предлагачите нека пробаат први, па нека кажат како е, изјави претходно Трендафилов.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ