Во постојаната музејска поставка на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Струмица се чува еден навистина редок и вреден спортски артефакт – фудбалска топка од моделот „TIENTO“, произведена во Аргентина во 1930 година, со каков тип топка се играло и на првото Светско првенство во фудбал.
Станува збор за кожна фудбалска топка со рачно шиени делови и препознатлив отвор затворен со кожна врвка, карактеристика на тогашните модели. Токму моделот „TIENTO“ останал запишан во историјата како топка со која било одиграно првото полувреме од финалниот натпревар на првото Светско првенство во фудбал, одржано во 1930 година во Монтевидео, Уругвај, помеѓу репрезентациите на Аргентина и Уругвај.
Во тоа време ФИФА сè уште немала воспоставено унифицирани стандарди за фудбалските топки, па финалистите не можеле да се договорат кој модел да се користи. Компромисот бил првото полувреме да се игра со аргентинската топка „TIENTO“, а второто со уругвајски модел. Натпреварот завршил со победа на Уругвај од 4:2, а овој настан подоцна придонел кон воведување на стандардизирани правила за фудбалските топки на меѓународните натпревари.
Топката која денес е дел од музејската поставка во Струмица му припаѓала на струмичкото семејство Стевкови. Според достапните податоци, таа била донесена во Струмица во почетокот на 1930-тите години, а во музејската збирка е внесена како подарок од Ванчо Стефанов.
Речиси еден век подоцна, споредбата помеѓу овој историски модел и современите топки што се користат на светските првенства најдобро ја покажува еволуцијата на фудбалот. Од тешка кожна топка со врвки и гумена внатрешност, до високотехнолошки модели изработени од современи материјали – развојот на овој спортски реквизит е сведоштво за напредокот на најпопуларната игра во светот.
Токму затоа, топката „TIENTO“ претставува еден од најинтересните и највредни спортски експонати што се чуваат во Музејот во Струмица, поврзувајќи ја локалната историја со почетоците на светските фудбалски шампионати.





















