И овој декември, Видеолотарија Касинос Австрија ја продолжи својата хумана мисија и традиција на општествена одговорност, реализирајќи ја 25-тата крводарителна акција. Акцијата се одржа во просториите на Институтот за трансфузиона медицина во Скопје.
Во соработка со Институтот за трансфузиона медицина и Црвениот крст, компанијата уште еднаш ја потврди својата посветеност кон хуманите вредности и поддршката на доброволното крводарување. Оваа, 25-та по ред крводарителна акција претставува мал, но значаен јубилеј и уште еден доказ за континуитетот на ваквите активности.
Крводарителната акција прерасна во убава и препознатлива традиција што ја негува колективот на Видеолотарија Касинос Австрија, при што голем дел од вработените и индивидуално учествуваат и поддржуваат хумани иницијативи. Со ова, компанијата активно придонесува кон спасување човечки животи и кон промоција на културата на солидарност и хуманост.
Придобивките од крводарувањето се повеќекратни. Освен што директно се спасуваат човечки животи, со дарувањето крв се поттикнува и обновување и регенерација на организмот. Дополнително, лицата кои десет пати доброволно ќе даруваат крв, остваруваат право на бесплатно лекување.
Крводарителството е доброволен и хуман чин, кој ја отсликува солидарноста и грижата за заедницата. Крводарител може да биде секое лице на возраст од 18 до 65 години со добра општа здравствена состојба. Согласно утврдените критериуми, мажите може да даруваат крв на секои три месеци, а жените на секои четири месеци. Само едно крводарување може да спаси од три до четири човечки животи.























