ВЕСТ НА ДЕНОТ: ВО СТРУМИЦА ЗАВРШИ ИЗГРАДБАТА НА НОВАТА ЗГРАДА СО СОЦИЈАЛНИ СТАНОВИ, ЗА НЕКОЛКУ ДЕНОВИ ЌЕ БИДЕ РАСПИШАН КОНКУРСОТ!

јануари 30, 2019

Во Струмица заврши изградбата на новата зграда со социјални станови во која денеска беа министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката Кристијан Трајковски и градоначалникот на општина Струмица Коста Јаневски.

Министерот Сугарески информираше дека зградата има 37 социјални станови и 4 кои се доделени на министерството за труд и социјална политика кои ќе бидат распределени на најранливите категории граѓани. Огласот ќе биде распишан за неколку денови и ќе трае 30 денови, а пријавувањето ќе се врши во Центарот за социјални работи во Струмица. Овие станови се наменети за социјално загрозените категории, односно, за лица без родители, лица со инвалидитет, самохрани родители со малолетни деца, деца кои користат социјална помош, лица од Ромската заедница, слепи лица и сите други категории кои согласно одлуката го имаат правото да конкурираат и ги исполнуваат пропишаните услови и критериуми.

Градоначалникот Јаневски го изрази своето задоволство од завршувањето на уште еден проект од социјалната сфера за најранливите категории граѓани во општина Струмица.

-Тука сум за да ја афирмираме поддршката на тоа што владата и министерствата од тие сфери го работат за оваа наша општина, да ја афирмираме оваа добра соработка меѓу централната и локалната власт се со цел подобрување на квалитетот на живот на одредени категории на наши граѓани. Мислам дека становите правилно ќе бидат распределени, има одредени методологии и се надевам дека најчувствителните наши категории луѓе ќе решат едно многу важно прашање во својот живот. Ние, како општина во социјалната сфера даваме максимум што можеме од сите аспекти да го подобриме животот на нашето население, еве се финишираат и две градинки во населените места, се почнаа одредени канализациони системи, целодневниот престој за деца на возраст од 6 до 10 години. Тоа се проекти кои што општината со поддршка на централната власт ги финишира, и јас уште еднаш го изразувам моето задоволство и ја давам мојата поддршка на овие социјални политики на централната власт и на нашата општинска власт, рече градоначалникот Јаневски.

Директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката Кристијан Трајковски, информираше дека зградата е изградена по сите стандарди кои обезбедуваат квалитетно живеење, а изградбата на социјални згради ќе продолжи и понатаму.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ