strumica denes logo

ВЕРУВАТЕ ЛИ ВИЕ ВО МАКЕДОНСКИТЕ СУЕВЕРИЈА? Метла под креветот на бебето, на празник не се пере, гаќи наопаку против уроци, црна мачка носи несреќа

Автор:

Датум:

јуни 14, 2024

Автор:

Датум:

јуни 14, 2024

Ако и вие, како и јас, сте растени со баба, тогаш и вие поголемиот дел од детството сте го поминале со гаќичките или маицата наопаку, бидејќи, како што велат нашите сакани старици, тоа ќе нѐ спаси од зли очи, од уроци.

Уште една успешна техника која брани од уроци е поплукувањето, и тоа три пати, бидејќи во спротивно ти летна убавината, среќата,иднината. А сите деца кои скришум сакаат да се напијат од кафето на мама треба да внимаваат бидејќи, баба вели, ќе им порасне опашка како на мајмун.

На редовна база баби ми ме попрскуваше со света вода, која ја криеше од нас, како да е злато, за добро здравје. А ако си девојче, не смееш да ја лижеш мaталката од миксерот кога таа прави слатки, бидејќи тоа ќе ти донесе дожд на свадба.

Дали суеверието е само народно верување?
Суеверијата се дел од нашата стара македонска култура, секогаш постоеле како непишани правила за живот и добро здравје пренесувани од колено на колено од нашите баби и прабаби. Понекогаш овие суеверија будат страв, бидејќи нивното неисполнување значи дека нешто лошо ќе се случи, некој ќе се разболи, ќе ја изгуби работата или сакана личност.

Овие народни верувања често немаат логично објаснување, но се длабоко вкоренети во нашата традиција и култура. Богатата ризница со македонски суеверија сведочи дека ние, Македонците сме народ кој навистина верува во нив и ги практикува во своето секојдневие.

Верски суеверија: На празник не се пере
Некои од суеверијата на баба ми се поврзани со црквата и верските обичаи, па според неа никогаш не се перат алишта на празник, како што таа вели, на Голем празник посветен на некој светец.

Ова донекаде и има свое објаснување, порано облеката се перела на раце, а тоа е макотрпна работа посебно во селата, со носење вода од бунари или на река, но таа и ден денес, со машина за перење дома се води по ова старо народно верување.

Во петок не се јаде месо, се пости, верувам дека многу баби и мајки го практикуваат истото, и дека традиционален петочен ручек е тавче гравче.

Уште едно народно верување е дека на Велигден мора да се влезе во црква со нова облека. Ова суеверие и јас го практикувам, културата наредува да одиме на шопинг за Велигденските празници.

Фрли вода за лесен испит
Додека студирав, пред да одам на полагање на испит, веднаш штом ќе слезев по скалите, таа истураше вода, вели за испитот да тече лесно како што тече и водата. И никогаш не паднав испит, со што се потврдува дека оваа суеверие навистина функционира. Истото важи и за патување, секогаш истураше вода за патот да тече лесно како водата.

А кога некој од семејството патува со авион, таа не го мете ниту домот, ниту дворот, вели дека тоа ќе му донесе несреќа, па метлата е на одмор додека тој не стаса на својата дестинација.

И верувам дека и вие знаете дека „промајата убива“ па не смеете да „шетате со гола кичма“.

На нероден Петко, капа не му се крои
Интересни се народните верувања поврзани со трудниците и новороденчињата, кои секако имаат цел да ги заштитат новите мајки и деца. Баби ми велеше дека девојка или жена која е во својот менструален циклус не смее да посетува новороденче, бидејќи ќе остави црвен белег на бебето. Исто така не смее да ѝ се рече НЕ на трудница, бидејќи ќе ѝ се наштети на бременоста, па секоја нејзина желба е заповед.

Јас имам мал белег на левата нога, и според мојата баба, тоа е бидејќи мајка ми украла цреши од соседите додека била бремена со мене. Според старото суеверие, ако трудницата украде нешто, казната е белег засекогаш на телото на нејзиното дете.

А сите ја знаеме онаа старата „На нероден Петко капа не му се крои“ што значи дека не се купуваат подароци и облека за неродено бебе. И секако, гледање на новороденчето само по 40 дена од неговото раѓање. Ова правило важи само во нашите краеви, додека во остатокот на светот роднини и пријатели трчаат да го видат бебето уште на првиот ден.

Верувам дека ова народно верување е македонска практика и дека е добро да се почитува за здравје на мајката и бебето. Во првите денови и двајцата се нежни и кревки, па многу посети можат да донесат опасни бактерии и вируси кои можат да го нарушат нивното здравје. И сега кога живеам далеку од Македонија го почитувам ова старо непишано правило.

Низата суеверија за новороденчиња продолжува со забраната на гледање во огледало до една година и јадењето риба додека не прозбори, иако навистина не гледам никакво објаснување за тоа.

Потковица и зајачка опашка за среќа, црна мачка за несреќа

Според старите македонски суеверија, потковицата, зајачката опашка и детелинката со четири листа се симбол на среќа и треба да ги имаме во домот, додека црна мачка која ќе ти го пресече патот е симбол на несреќа.

Ако црна мачка ти го пресече патот, баба ми вели, да се вратиш десет чекор назад, да се фатиш за коса и да речеш „Да не ми умре никој најмил“. Други пак веруваат дека по мачката треба да фрлите три камчиња бидејќи несреќата ќе ги следи нив место вас.

Секако не заборавајте да си замислите желба која ќе видите оџачар, бидејќи ти носат среќа и исполнуваат желби. А ако најдете паричка или монета на патот земете ја бидејќи носи среќа, ама немојте да ја потрошите, тука само чувајте си како амајлија. И сите знаеме дека слатките црвени бубамари со црно точки носат среќа и добри гости.

А бидете внимателни со огледалата, бидејќи нивно кршење носи седум години несреќа во домот.

„Пу, пу, пу скраја да е – често ги слушав овие зборови од баба ми кога таа ќе примеше некоја лоша вест. А за да не се случи истото во нејзиниот дом, три пати чукаше во дрво, за да избегне лош настан.

Останаа врежани во мојата меморија зборовите на баба ми, да си го изедеш лебот до последното залче, бидејќи во спротивно ѓаволот ќе ти ја земе вечерата и ќе спиеш гладна. Не знам дали таа навистина верува во ова или беше само начин да не заплаши кога не јадевме.

Не смее свадба во престапна година
Има куп суеверија за свадбите и невестите, сите со цел да ги заштитат новите младенци од несреќен живот и растурање на семејството. Велат дека бракот ќе пропадне ако младоженецот ја види невестата во нејзиниот бел фустан пред свадбата или ако таа носи црна облека на веридбата.

Знак за несреќен брак е пробувањето на туѓи бурми и свадба во престапна година. А ако таа сака цврст и стабилен брак треба да го погледне младоженецот низ вереничкиот прстен на денот на венчавката, ама скришум, додека тој доаѓа по неа. И иако никој не сака да му врне на свадбата и да се расипе веселбата, дожд на венчавката значи бериќет и среќа.

Многу суеверија, многу приказни и обичаи, македонската култура е богата со народни верувања кои се пренесуваат од колена на колено од нашите предци. Јас ги слушнав од мојата баба, која сѐ уште ги практикува и верува во нив и нивната моќ. Можеби некои од овие суeверија немаат логично објаснување, но не вреди да се заборават бидејќи тие се дел од нашата историја и традиција.